Фото: Игор Бансколиев

Криминалците најчесто крадат пари што верниците ѝ ги оставаат како дар на црквата. Но често прибегнуваат и кон кражба на добра, како што се икони и црковни предмети, за подоцна да ги продадат и така да заработат, вели презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот

Се крадат пари и икони од црквите во земјава

Верските храмови отсекогаш биле на нишан на криминалците. Овие верски објекти, тргнувајќи од нивната општествена функција за духовно воздигнување на населението, за прифаќање на универзалните морални и етички норми, мир, спокојство и уважување меѓу луѓето, никогаш не биле специјално обезбедувани од нападите на криминалци и насилници, затоа што секојпат се сметало дека со влегувањето во божјиот храм, луѓето се просветлуваат и нивните животни поведенија ги усогласуваат со „десетте божји заповеди“.
И според криминолозите, црквите и манастирите „се доста лесна цел за криминалците ако се земе предвид дека овие објекти немаат обезбедување“, токму поради тоа што се смета дека никој нема да се осмели да краде од верски објект. За жал, криминалците не размислуваат така. За нив, најлесно е да влезат токму во црквите и во манастирите и да украдат за да ги наполнат своите џебови.

БЕЗ НИКАКОВ СРАМ СЕ КРАДАТ ПАРИ ДАРУВАНИ ОД ВЕРНИЦИТЕ

Парите што ги оставаат верниците во верските објекти, односно на иконите, се првиот магнет што ги привлекува криминалците. На оние што се чувствуваат повешто за посериозни криминални дела на нишан им се и иконите, но и другите вредни црковни предмети, кои во многу голем број цркви датираат од минатите векови.
На сајтот на Министерството за внатрешни работи се објавени голем број икони, како дел од изгубеното културно наследство. Па, така, иконите на Воскресението на Лазар, Крунисувањето на Богородица, Свети Јован Богослов, Богородица со дете и светци се само дел од сликите или иконите што не се пронајдени.
За жал, не се крадат само икони туку и разни други предмети, кои на црните пазари достигнуваат стотици илјади евра. Им се продаваат на колекционери, на лица што собираат антиквитети, на луѓе што се подготвени да платат огромни суми пари за да ги имаат во своите колекции.
За верниците тоа е недопустливо, бидејќи сите што оставаат пари на иконите, тоа го прават како помош за црквата, за која веруваат дека е божји дом, каде што ги упатуваат своите молитви кон Бога.
– Во црквата сите се добредојдени, и тие што имаат и тие што немаат. Тие што сакаат, оставаат пари на иконите. Сите знаеме дека парите не ни ги простуваат ниту гревовите, ниту пак помагаат да ни се услишат молитвите. Сепак, тоа го правиме за да ѝ помогнеме на црквата во која секојдневно одиме. Чудесна е дрскоста на поединци што се осмелуваат да ги украдат токму тие пари што ги оставаат верниците. Кражбата секако е грев, меѓутоа да украдеш пари што некој ги оставил за црквата е навистина самото дно – вели Билјана Трајковска.
Низ полициските билтени исто така е видливо дека кражбите во црквите не ги намали ниту пандемијата, односно евидентно е дека, сепак, интересот на крадците останува ист.

СЀ ПОЧЕСТИ КРАЖБИТЕ ВО ХРАМОВИТЕ

Според презвитер Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот, храмовите честопати се цел на разбојништва, поточно на кражби.
– Крадците најчесто бараат да украдат пари што верниците ѝ ги оставаат како дар на црквата. Но често прибегнуваат и кон кражба на добра, како што се икони и црковни предмети, за подоцна да ги продадат и така да заработат – вели тој.
Според него, има случаи и на организиран криминал, односно професионални крадци што добро се запознаени со вредноста на материјалот што незаконски го присвојуваат.
– Од една таква група, со задни интереси, кои до ден денес останаа непознати, а очигледно не стануваше збор само за прибавување материјална корист, пред неколку години беше украдено поголемо количество вредни икони од западниот дел на Македонија. Иконите сѐ уште не се пронајдени, или официјално вратени, иако се претпостави дека се дел од запленетите црковни добра во една наша соседна земја – нагласи тој.

[email protected]