Апелациониот суд Скопје ја потврди осумгодишната казна затвор за стрелецот Благој Пешиќ од Кавадарци за обљуба на 13 годишно девојче за време на тренинг, изречена од Основниот суд Велес. Судот во Велес во 2019 година првпат го осуди на казна затвор, а во 2022 година, на повторено судење, ја потврди казната која тој ја обжали на Апелација.
Апелациониот суд пресудата по жалбата ја донел на крајот на декември, минатата година, но мајката на обљубеното девојче вели дека минатата недела судот официјално ги известил, информира „Макфакс“.
-Ни стигна пресудата и на домашна адреса и кај адвокатот. Ја истеравме правдата. Одлуката на Апелациониот суд ја доживеавме како олеснување за сите маки низ кои минавме последниве шест години – изјави мајката на обљубеното девојче за „Макфакс“.
Семејството ја доби пресудата од Апелација токму шест години откако ја пријави обљубата. Во март 2017 година МВР извести дека полициската станица во Кавадарци добила пријава за полов напад врз 13-годишна ученичка од нејзиниот тренер по стрелаштво, кој последните три месеци во повеќе наврати вршел обљуба, а последен пат неколку часа пред да биде поднесена пријавата.
На почетокот на судењето, во 2017 година, пред судот во Велес на протест за поддршка на стрелецот Пешиќ излегоа негови роднини и пријатели. Се обидоа на јавноста и на судот да им кажат дека немало грешка во однесувањето на Пешиќ и оти мали физички контакти меѓу тренерот и учениците имало во сите спортови. Побараа и Пешиќ да се брани од слобода поради влошено здравје. Тој веднаш по пријавата беше притворен и остана во притвор до 2018 година, кога судот го пушти да се брани од слобода, но изрече посебни меки за претпазливост.