Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Двегодишно дете од Куманово било хоспитализирано откако се затруло со средство за разредување на боја, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, случајот бил пријавен вчера околу 14 часот, кога од Општата болница во Куманово известиле дека кај нив било донесено двегодишно дете со симптоми на труење.

По укажаната прва медицинска помош, детето било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што е задржано на понатамошно лекување.

Од СВР Куманово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои дошло до труењето.

Ова е уште еден ваков случај во кумановскиот регион. Во текот на минатата година беа регистрирани повеќе труења кај мали деца, кои случајно испиле средства за чистење, средства за дезинфекција или лекови, по што завршија на болничко лекување.