Кражбите по црквите отсекогаш наидувале на особена осуда кај јавноста. Од една страна поради самиот чин на прекршување на законот и одземање нешто што ѝ припаѓа на Црквата, која отсекогаш имала посебно место во животот на луѓето. А од друга страна поради тоа што одземените вредни предмети од црквите, кои датираат од дамнешни времиња, имаат непроценлива историска и културна вредност и се несоборливи докази за постоењето и континуитетот на македонскиот народ, јазик и наследство
Крадењето на македонското културно наследство нема да нѐ избрише од мапата на народите и културите
Кражбите по црквите отсекогаш наидувале на особена осуда кај јавноста. Од една страна поради самиот чин на прекршување на законот и одземање нешто што ѝ припаѓа на Црквата, која отсекогаш имала посебно место во животот на луѓето. А од друга страна поради тоа што одземените вредни предмети од црквите, кои датираат од дамнешни времиња, имаат непроценлива историска и културна вредност и се несоборливи докази за постоењето и континуитетот на македонскиот народ, јазик и наследство.
Голем дел од крадците најчесто се сторители на кривични дела како крадење пари што верниците ги оставаат пред иконите и фреските, но другите се сторители на кривични дела со многу подолга историја во криминалот, припадници на организирани групи и организации, кои со претходни истражувања и подготовка крадат бесценети икони и други артефакти, со што нанесуваат огромна и повеќеслојна штета со правењето на криминалниот чин.
Договор меѓу Македонија и Албанија за соработка за враќање на незаконски
изнесени икони
Изминатите денови јавноста ја поздрави веста дека се враќаат 20 икони што насилно и незаконски биле одземени од црквите во земјава. Иконите се враќаат од соседна Албанија, каде што шверцерите со културно наследство биле фатени или, пак, иконите биле откриени, односно лоцирани и пронајдени на други начини. И воопшто не е важен начинот на кој тие се откриени, важно е дека вредните артефакти, икони и фрески, повторно ќе се вратат онаму каде што припаѓаат и ќе сведочат за вистината и за едни изминати времиња. Секако, црквите и верниците ќе можат повторно да се воодушевуваат на нивната убавина, а и на нивната чудотворна моќ.
Двете министерства за култура, на Албанија и на Македонија, деновиве потпишаа договор за соработка за враќање на незаконски изнесените икони од земјата на потекло.
Иконите се резултат на богатата домашна иконописна традиција од 19 век и имаат историска, уметничка, културна и научна вредност. Иконите, како автентични предмети од движното културно наследство, се документирани и во посебниот „Регистар на евидентирани икони на територија на СРМ“ од 1987 година што се води во Националниот конзерваторски центар.
Управата за заштита на културното наследство, во 2017 година, ги прогласи иконите за национално богатство.
Украдени се и цели иконостаси
Според информациите, икони се украдени пред повеќе од десет години од црквите во Западна Македонија. Албанските власти во 2015 година го поведоа случајот „Икона“, во кој успешно ги фатија сторителите на кражбите и ги уапсија. Иконите оттогаш беа во депоа во соседна Албанија. Но од некои цркви, за жал, се украдени и цели иконостаси, а сторителите точно знаеле кон кои икони треба да целат. Украдени се токму оние што биле со непроценлива историска и културна вредност, како за земјата така и за верниците. Според информациите од албанските медиуми, иконостасите и иконите немилосрдно се изнесувале, криминалците постапувале крајно нестручно со нив, па поради тоа некои од нив се и оштетени од несоодветниот третман.
Јавното обвинителство на Македонија ги достави сите податоци поврзани со иконостасите и иконите до надлежните органи во Република Албанија и тие, заедно со запленетите икони, беа доказ во кривичната постапка што се водеше за случајот „Икона“ во Судот на судскиот округ во Тирана, Република Албанија.
Најпрвин да се вратат артефактите, потоа ќе се утврдува во каква состојба се и ќе се реставрираат
Презвитер Бобан Митевски од МПЦ истакна дека најголемиот дел од украдените икони биле дел од културното наследство – со тоа тие се дел и од евиденцијата на надлежните државни институции, но наедно и епархиите водат сопствен попис на движниот и на недвижниот инвентар или, пак, се користат списоците на музеите и на заводите.
– По направените кражби беше извршена целосна истрага, која вклучуваше и попис на насилно одземениот културен и духовен движен имот. Станува збор за стотици икони што беа украдени од Реканскиот, Дебарскиот и од Струшкиот Регион. Во зависност од тоа што ќе биде вратено, ќе се утврди како стојат нештата – смета тој.
Според него, најчестите причини за кражби во црквите се за прибавување материјални средства, значи ситни кражби заради пари.
– Кражбите на икони беа очигледно организирана акција – која не само што имаше цел материјална придобивка од продажбата на приватни колекционери туку повеќе личеше на намера за бришење на нечие културно присуство преку бришењето на наследството – заклучува тој.
Сѐ уште се во ризик црквите, иконите и фреските во напуштените села
Во 2013 година, на територијата на Република Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети. Според официјалните податоци во комуникацијата и преку размената на информации и сознанија меѓу надлежните органи на двете земји, беше лоцирано дека 20 икони не се со потекло од Албанија, односно дека постојат индиции дека се нелегално изнесени од Македонија.
При увидот на запленетите икони што го извршија македонски експерти, кои изработија стручен наод и мислење, се утврди дека потеклото на иконите е од црквите и манастирите на нашата земја. Иконите биле дел од неколку збирни икони од црквите „Св. Атанасиј“, во селото Долно Перово, Општина Ресен, каде што припаѓаат пет икони; три икони се дел од збирката на црквата „Св. Богородица“, во селото Ѓавато, Општина Битола; пет ѝ припаѓаат на црквата „Св. Атанасиј“, во селото Селци, Општина Струга; три икони ѝ припаѓаат на црквата „Св. Никола“, во селото Радожда, Општина Струга, и три се дел од збирката на црквата „Св. Богородица“, во селото Буринец, Општина Струга.
– Заштитата на културното наследство е наша најголема одговорност, на секој поединец и на сите институции. Сите сме должни, секој во својот домен, да се грижиме и да го чуваме националното богатство. Во тој контекст, Министерството за култура и стручните установи за заштита на културното наследство изразуваат подготвеност за поголема соработка со Македонската православна црква. Со оглед на тоа што голем дел од сакралните објекти се во непристапни и недоволно населени простори, тие се во ризик. Остануваме отворени за соработка и во делот за користење на депоата на нашите национални установи за привремено депонирање на вредното културно наследство со кое располага Македонската православна црква – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Македонија има студиозна и квалитетно изработена евиденција на иконите
како културно наследство
За да се дојде до ова поглавје беше поминат долг и трнлив пат и конечно, па по речиси десетгодишни обиди, иконите се враќаат дома.
За таа цел беа вклучени стручни лица од многубројни институции, а голем придонес во идентификувањето на иконите има историчарот на уметноста д-р Сашо Цветковски од МАНУ, кој е дел од тимот во сиве изминати години и беше дел од постапката за враќање на иконите.
– Чинот на реституција на иконите е историски, бидејќи и во 70-тите години од минатиот век се правеле обиди за враќање на културно наследство, но тие не биле успешни, така што неодамнешниот чин добива посебно значење – истакна Цветковски.
Тој го наведе и бранот на насилно влегување во црквите во југозападна Македонија, кога беа украдени голем број икони и црковни предмети, а по увидот во галеријата во Тирана во 2013 година се констатирало дека има многу македонски икони што се чуваат во Албанија.
– Во декември 2013 година, со стручни екипи и со лица од МВР, отидовме во Тирана за да направиме увид на иконите, видовме дека има илјадници предмети украдени од Албанија, Грција и од Македонија. Предноста беше што нашата држава има студиозна и квалитетно изработена евиденција на иконите како културно наследство. Тоа ни беше од голема полза. Исто така, Центарот за културно наследство при МАНУ има голем број истражувања, така што имаме целосна слика за иконите како културно наследство што ги поседуваме – појасни Цветковски.
Тој нагласи дека на 90 проценти од иконите им е потребна заштита.
По успешната реституција на дваесетте икони, во Албанија се идентификувани уште 37 икони за кои ќе следува процес на реституција.