Лицето што заменува јавно позната личност се одбира поради големата физичка сличност што ја има со личноста што треба да ја претставува. Некаде во светот дури се користат и пластични операции кај дублерите, за сличноста да биде речиси целосна. Таквите лица вообичаено се „мамка за потенцијалните атентатори“
ДВОЈНИЦИТЕ НА СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ ПОДГОТВЕНИ ДА ПРИМАТ КУРШУМ ЗА ДРЖАВНИКОТ ШТО ГО МЕНУВААТ
Обид за атентат на претседателот додека тој одржува говор пред своите граѓани. Тој завршува со прострелна рана, за среќа не е во животозагрозувачка состојба. И на крајот дознаваме дека всушност претседателот поминал без ниту една гребнатинка, бидејќи повредениот всушност не бил тој, туку неговиот двојник, дублер или како и да се нарекува. Добро филмско сценарио, кое отсекогаш предизвикувало љубопитност. Дали навистина политичарите користат дублери кога постои опасност по нивната безбедност?
КАКВА Е УЛОГАТА НА ДУБЛЕРИТЕ
Дублер или двојник-мамка, по дефиниција, е личност чија улога е претставување како некој друг, со цел одвлекување на вниманието или преземање ризик за лицето што го претставува. Најчесто дублерите се користат во филмовите, кои всушност се каскадери што наместо глумците ги снимаат високоризичните сцени. Меѓутоа, во политиката и јавниот живот овие личности всушност се задолжени да го преземат на себе ризикот од напади, кои инаку би се реализирале врз јавната личност чија улога ја играат.
Кај нас не се користат дублери, бидејќи, според познавачите, ние сме мала земја, меѓутоа дублерите се користат од страна на светски познатите политички лидери, најчесто високи функционери на држави или пак воени лица, за кои постои ризик и опасност да бидат цел на атентат при некој јавен настап или појавување.
Лицето што заменува јавно позната личност се одбира поради големата физичка сличност што ја има со личноста што треба да ја претставува. Некаде во светот дури се користат и пластични операции кај дублерите, за сличноста да биде речиси целосна. Таквите лица вообичаено се мамка за потенцијалните атентатори.
Според Џои Р. Ридер, заменик-секретар на Армијата на САД од 1993 до 1997 година, неколку светски познати личности користеле дублери. Меѓу нив биле и Фидел Кастро, Џорџ В.Буш, Осама бин Ладен, кралицата Елизабета, Сталин, Садам Хусеин.
Тој вели дека користењето дублери всушност бара интензивна работа, вежбање, имитирање на манирите и начинот на говор, а тоа трае со денови, па и месеци.
Дополнително, обвинувањето на некоја држава дека користи дублери е дел од психолошката војна да се претстави лидерот на државата како кукавица бидејќи немал храброст да се појави лично.
ОД ИСТОРИЈАТА: КОЈ БИЛ ДВОЈНИКОТ НА СТАЛИН?
Со децении во Русија кружеле гласини дека Јосиф Висарионович Сталин имал „близнак“ што го заменувал во одредени ситуации. Неколку децении по смртта на Сталин, човекот-мамка конечно реши да зборува. Тој бил Феликс Дадаев, поранешен танчар и жонглер. Нему му била дадена можност да работи во Кремљ како двојник на Сталин. Дадаев повеќе од половина век молчеше, плашејќи се од смртна казна доколку се осмели да отвори уста. Но во 2008 година, на 88-годишна возраст, очигледно со одобрение на режимот на Путин, тој конечно излезе да ја напише својата автобиографија. Во неа се објаснува дека тој бил еден од четворицата луѓе што биле вработени да го имитираат врховниот водач, заземајќи го неговото место во колони, на митинзи, на снимки од вести итн.
Дадаев е роден во кавкаските висорамнини Дагестан и кога неговото семејство се преселило во Грозни, Чеченија, почнал да зема часови по балет. Кога започнала Втората светска војна, бил тешко повреден за време на советското ослободување на Грозни во 1942 година, по што на неговото семејство му било кажано дека е убиен. За среќа, тој преживеал, иако таа „смрт“ била почеток на чуден двоен живот. Наскоро неговата сличност со 60-годишниот Сталин (поради која го задевале на училиште) го привлекла вниманието на советските разузнавачки агенти, кои почнале да го користат за да го спасат вистинскиот Сталин од заговори за атентат и досадни јавни церемонии. Се разбира, со своите 20 години Дадаев бил многу помлад од Сталин, но шминката и напорот на војната значеле дека тој може да помине како 60-годишникот.
Гледал филмови и говори на Сталин, за да ги усоврши мимиката на неговото движење и интонацијата. Некои велат дека Дадаев, како и другите двојници на телото на Сталин, бил трениран од Алексеј Дики, актер што ја играл улогата на Сталин во пропагандни филмови.
Уште еден двојник од телото на Сталин беше човек идентификуван само како Рашид. Рашид толку многу личел на диктаторот што кога ѝ се приклучил на војската, речиси веднаш бил отпуштен. Дури и неговите лузни на лицето речиси се совпаѓале со лузните на советскиот лидер од борбата со сипаници. Тој поминал две години учејќи со Алексеј Дики. Рашид тврдел дека имало и други ликови на Сталин вработени во НКВД (претходник на КГБ), иако никогаш не сретнал такви. Тој тврдел дека слушнал за друг двојник на Сталин што бил ангажиран да живее во дачата на диктаторот надвор од Москва кон крајот на 1940-тите и 1950-тите, кога Сталин умирал. По смртта на Сталин, во 1953 година, Рашид се преселил во провинциски град, ги избричил мустаќите и постепено станал ќелав. Сепак, дури и тогаш сличноста се покажала толку впечатлива што често го загледувале на улица.
ДВОЈНИК ИМАЛ И ЈОСИП БРОЗ-ТИТО
Во врска со постоењето на двојници на светските лидери, интересни податоци наведува познатиот српски публицист и новинар Марко Лопушина. Според него, дублерите на Садам Хусеин поминувале низ воена обука и низа други проверки за да се утврди дека имале сличности со него. Другото се средувало со пластични операции. Двојникот немал никаква улога, функционирал како фигура. Негова работа била да се појави за народот, политичкиот противник или некој друг да мислат дека тоа е претседателот.
Тој го наведува примерот на српскиот доктор Борко Ѓорѓевиќ, кој работел како пластичен хирург и го лекувал синот на Хусеин, по што добил понуда да работи на двојникот на Садам. Откако направил операција на еден, другите ѝ ги препуштил на Военомедицинската академија, која, според него, направила шест двојници на Хусеин.
Оваа врвна болница за време на поранешна Југославија, под водство на Јосип Броз-Тито, била центар за обука на специјалните сили на ослободителните движење на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка и затоа не треба да изненадува фактот што ваквите оперативни зафати се реализирале токму тука.
Особено е интересна теоријата на Лопушина дека двојник наводно имал и самиот Јосип Броз-Тито и дека тоа бил всушност генералот Јово Поповиќ. Она што ја прави целата оваа приказна дополнително мистериозна е фактот дека двојникот на Тито бил народен херој, но, според Лопушина, неговото име и лични податоци не се напишани никаде во зборниците и енциклопедиите. Навистина, како никогаш да не постоел, а оставил огромен белег како разузнавач. Но она што е познато денес за него е од стручната литература во регионот и пошироко, во која е наведено дека генералот Јово Поповиќ е творец на тајните разузнавачки методи, обуки, поставувања на системи за безбедност и пред сѐ верен чувар и двојник на Тито. Тој бил доверлив човек за тајни операции, а наедно бил командант на Штабот за интернационална помош на неврзаните.
Се разбира, во случајов не станува збор за класичен двојник, туку едноставно за човек што ги одработувал активностите за кои се очекувало дека Тито ги презема, а од безбедносни причини тоа го правел Поповиќ. Тој бил клучната алка во синџирот што ја обезбедувал сигурноста на Броз. Го штител така што со возило „мерцедес“, со регистарски таблички 777, одел прв на извидување на местата каде што требало да се движи Тито. Своевремено и тој самиот има признаено дека му бил двојник на југословенскиот претседател, објавувајќи фотографија од нив двајца во воз, во кој Тито спие, а Јово ги поздравува луѓето преку прозорецот.
ДУБЛЕРОТ НА ЕЛЦИН ЈА ПОКАЖУВАЛ ПОВРЕДЕНАТА РАКА ШТО БОРИС ЈА КРИЕЛ
Во 1998 година, функционер во руската Дума, Александр Сали, побарал од јавниот обвинител да ги истражи тврдењата дека двојник се претставува како Борис Елцин на јавните настапи, откако Елцин имал операција на срцето во ноември 1996 година. Сали им изјавил на новинарите дека тој и неговите колеги испитувале 1.500 фотографии и собрале докази дека „новиот“ Елцин, кој во јавноста се појавувал по 1996 година, многу често ја покажувал левата рака, која Елцин ја повредил во детството играјќи со гранати, по што изгубил два прста, иако вистинскиот Елцин се трудел да ја крие.
ЗОШТО ПУТИН, СПОРЕД ЕКСПЕРТИТЕ, НЕ МОЖЕ ДА ИМА ДУБЛЕР?
Едно тврдење на Лопушина предизвикува контроверзии и полемика меѓу експертите што ја следат оваа проблематика. Имено, наспроти западните аналитичари, кои го тврдат спротивното, српскиот публицист тврди дека лидерот на Руската Федерација, Владимир Путин е единствениот за кого не може да се најде двојник.
– Тој е спортист, оди како борач. Како патка. Не може ниту еден двојник, колку и да личи на него, да оди така. Тоа одење е последица на неговите тренинзи. Кога Путин оди, ги фрла нозете лево-десно и се лула. Зборува со стегната вилица, тоа е посебна техника, која Путин ја научил како разузнавач. Убаво се слуша тоа што го изговара, но не ја отвора устата премногу. Поентата е да го изговори тоа што сака, но никој од страна да не може да му чита од усните. Путин е свесен дека е атрактивна цел и со тоа испраќа порака „знам дека сум цел, но ќе направам се да бидам тешка цел“ – нагласува Лопушина.
САДАМ ХУСЕИН
Во 2003 година, една германска телевизија тврдеше дека поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин честопати бил заменуван од дублери на телевизиските појавувања. Овие анализи биле базирани на софистицирани техники, кои детектирале разлики во позицијата на гестикулацијата на неговото лице. Таа информација во целост била потврдена и од Џеролд Пост, човекот што ја создаде психолошката единица на ЦИА. Исто така беа објавени информации дека австрискиот политичар Јорг Хајдер, всушност, се сретнал со негов дублер, а не со самиот Хусеин.
ЕЛА СЛАК 30 ГОДИНИ БИЛА НА ГОТОВНОСТ ЗА КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА
Ела Слак триесет години била телесна двојничка на кралицата Елизабета. Иако во лицето не личела многу на неа, телесно била речиси идентична.
За медиумите таа изјавила дека сѐ почнало кога гостувала на Би-би-си, кога ѝ пришол продуцентот и ѝ донел порака од кралицата, во која било наведено дека кога таа стоела на некои јавни настапи, сонцето ѝ светело директно во очи, по што ја прашал дали таа би можела да направи нешто во врска со тоа.
– Па, му реков, дали би сакале јас да стојам наместо неа – изјави таа.
Не ѝ било дозволено ниту еднаш да седне на престолот, секогаш била во возило или во кочија, каде што сѐ што требала да прави е да им мавта на присутните. За работата никогаш не побарала пари, бидејќи ѝ претставувало задоволство и чест.