Фото: Маја Јаневска Илиева

Доживотна казна затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беше изречена денеска за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет дека давал информации за движењето на својата ќерка, е ослободен од вина. Обвинителството најави жалба на оваа одлука, додека одбраната на осудените најави жалби на доживотните казни.

Судијата Ивица Стефановски при објавата на пресудата денеска во Основен кривичен суд Скопје  истакна дека обвинетите се виновни за грабнување и убиства, извршени со претходен договор и користољубив мотив.

На почетокот од објавата на пресудата нагласи дека обвинетите се виновни затоа што во претходен договор и заедно извршиле грабнување на Вања Ѓорчевска, со намера не кој друг член на нејзиното потесно семејство да го присилат да стори нешто, да даде парични средства на обвинетите за откуп на детето. Сето ова, како што дополни судијата, било со претходно смислен план и дадени инструкции од Љупчо Палевски.

Во Велес, исто така, по претходен договор, од користољубие и на свиреп налин со умисла го лишиле од живот Панче Жежовски за да се стекнат со корист да дојдат во владение на неговиот автомобил за да го искористат за грабнувањето на Вања Ѓорчевска.

– Судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор. Александар Ѓорчевски се ослободува бидејќи Јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторил делото – рече судијата.

Согласно пресудата, обвинетите се обвинети само за грабнувањето на Вања, додека, грабнувањето на Панче Жежовски, согласно изречената казна, не се докажало.

Обвинителката Жаклина Трајковска во изјава за медиуми по пресудата ја поздрави пресудата за четворицата обвинети, оценувајќи ја како победа на правдата.

– Изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека ниту еден сторител не може да остане неоткриен за сторување на вакви грозоморни кривични дела. Дека и покрај планираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска, и на Панче Жежовски, обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина – рече таа.

Обвинителката Ана Стојковиќ, додаде дека системот испратил јасна порака дека вакви дела нема да се толерираат.

– Семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на тоа што го изгубиле. Меѓутоа, со оглед на фактот дека денеска за четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, сметам дека системот правилно упати порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани – рече таа.

Во однос на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, Стојковиќ најави жалба.

Одбраната на осудените, пак, остро реагираше. Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на Љупчо Палевски, изјави дека пресудата не се заснова на докази.

Додека, во врска со приведеното лице од Народна банка за кое обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор рече дека го уништил синиот ранец со оружје, таа рече дека е отворен нов предмет кој не влијае на оваа постапка.

– За сега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот – рече Стојковиќ.

– Пресудата не ја коментирам на судот. Меѓутоа, наше видување е дека како што почна, така заврши и овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ, Судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт. Ниеден доказ нема, ниту разумен сомнеж. Денеска таткото доби, по мене, заслужена ослободителна пресуда бидејќи немаат докази – исто како и за мојот клиент – рече тој.

Адвокатот Бојан Манев, кој го брани Боре Видевски, исто така најави жалба.

– Секако дека ќе вложиме жалба на денешната пресуда. Ако ја слушнавте објавата на пресудата, сигурно слушнавте два непобитни факти. Судот ги ослободува обвинетите од грабнувањето на Панче Жежовски. Како го убија, а не го грабнаа? Втората работа – судот вика дека човекот е убиен во 10:30. Цела Македонија виде снимка – 12:30 часот човекот е жив на бензинска станица на Лукоил во Велес – рече тој.

Игор Ефремов, бранител на Влатко Кешишев, смета дека Судот не ги зел предвид олеснителните околности.

– Сметаме дека Судот не поклони доволно верба на исказот на Кешишев дека дејствувал по страв и по наредби на обвинетиот Палевски. Доколку не бил Кешишев, немало да бидат пронајдени телата – посочи тој.

Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, ја поздрави ослободителната пресуда, но ја критикуваше истрагата.

– Денеска судот донесе законита одлука. Меѓутоа, оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања – зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ – рече тој.

Тој посочи дека јавноста има право да знае дали вмешувањето на Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требало да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните лица не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање на луѓе кој обвинетите го правеле уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Велибор Манев.

По пресудата, Обвинителството побара од судот мерката притвор да се продолжи до правосилнсота на пресудата за четворицата осудени на доживотен затвор, а да се прекине за таткото на Вања по што Судот одлучи мерката притвор за осудените да продолжи до правосилноста на пресудата, додека, куќниот притвор за Ѓорчевски беше укинат.

Судскиот процес се водеше преку 35 рочишта, започнувајќи од 20 септември 2024 година.

Обвинетите на почетокот од процесот изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.