Мексиканските и балканските криминални групи се приближуваат до „центарот на наркопроизводството“ за да добијат што понепречен пристап до резервите од дроги. Употребата на кокаин е во нагорен тренд во неколку западноевропски земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Белгија, Франција и Шпанија. Понудата динамично расте, пропорционално со порастот на побарувачката. Од сите светски црни наркопазари, Европа е еден од најпрофитабилните…

Производството и дистрибуцијата на кокаин во динамична нагорна линија

Пандемијата на ковид, која траеше безмалку три години и го блокира целиот свет, влијаеше и на падот на црниот пазар на дрогата и бизнисот со неа. Дилерите и производителите на дрога забележаа драстичен пад на трговијата со дрога, состојба што сега, по завршувањето на ковидот, се обидуваат да ја надоместуваат. По тригодишен стагнирачки тренд, сега процвета бизнисот со кокаин низ целиот свет. Извештајот на Обединетите нации не е охрабрувачки на оваа тема.

ЕВРОПА Е НА ВРВОТ ПО ПРОФИТАБИЛНОСТ НА ЦРНИОТ ПАЗАР

Според извештајот на Обединетите нации, глобалното производство на кокаин достигнува рекордни нивоа како резултат на зголемувањето на побарувачката по завршувањето на пандемијата.
Канцеларијата за дроги и криминал на ОН соопшти дека одгледувањето кока се зголемило за 35 отсто меѓу 2020 и 2021 година на рекордно ниво.
Наодите сугерираат дека се појавиле нови центри за трговија со луѓе во Западна и Централна Африка.. Интересен момент од извештајот е информацијата во која се тврди дека трговците со луѓе „сѐ почесто користат меѓународни поштенски услуги за да ја дистрибуираат дрогата до крајните потрошувачи“!
– Глобално, употребата на поштенските и курирски услуги значително се зголеми во времето кога поради пандемијата целиот свет беше во мирување. Немаше патнички летови, немаше никакви активности – се вели во извештајот.
Евидентиран е и пораст во употребата на добро воспоставени глобално оперативни поштенски услуги во западноафриканските земји, а забележани се и помали трговски компании што се занимаваат со поштенски услуги. Сите тие, според извештајот, се користат за шверц на големи количества кокаин во Европа и во целиот свет.
Генерално гледано, според извештајот, Европа и Северна Америка се најголемите пазари за кокаин. Веднаш по нив се Јужна и Централна Америка и Карибите.

КАКО ВЛИЈАЕШЕ КОВИДОТ НА НАРКОБИЗНИСОТ

И покрај тоа што пазарите во Африка, според извештајот, сѐ уште се ограничени, според Обединетите нации постои огромна опасност од зголемување на потенцијалот за проширување на пазарот во африканските земји.
– Зголемувањето на производството е резултат на зголеменото одгледување на растението кока, како и подобрувањето и унапредувањето на процесот на претворање на растението во кокаин во прав – се вели во извештајот.
Ковидот влијаеше на сите сфери на дејствување, па, така, и во наркобизнисот. Пандемијата предизвика нарушување на пазарот на лекови, бидејќи меѓународниот транспорт беше максимално ограничен, а како последица на тоа опадна и транспортот на дрога.
Така опадна и побарувачката за кокаин, бидејќи ноќните клубови и баровите беа затворени (мерка за спречување на ширењето на вирусот).
– Сепак, најновите податоци сугерираат дека овој пад има мало влијание врз долгорочните трендови. Глобалната понуда на кокаин е на рекордно ниво – се вели во извештајот.
Во Обединетото Кралство, како што е наведено во извештајот, е забележан значителен пораст на заплените на кокаин што бил фатен во брзи пратки и поштенските трансфери.

НЕКОЛКУ ВАЖНИ ФАКТИ ОД ИЗВЕШТАЈОТ

Колумбија, местото од каде што потекнува растението кока, а со тоа и кокаинот, според извештајот, сѐ уште го има приматот во трговијата со оваа дрога. Сепак, патиштата за шверц кон и во Европа се развиле уште повеќе.
Потрошувачката во Австралија достигнала врв во средината на 2020 година, потоа следната година забележа пад за 50 отсто, па се зголемила „умерено“ во последните неколку месеци од 2021 година.
Мексиканските и балканските криминални групи се приближија до центарот на производството за да добијат пристап до резервите.
Употребата на кокаин е во нагорен тренд во неколку западноевропски земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Белгија, Франција и Шпанија.
Во Украина, пазарот се ширеше, но со почетокот на војната, минатиот февруари, побарувачката е драстично намалена.
Реагирајќи на извештајот, шефицата за истражување и трендови на ОН, Ангела Ме, рече дека снабдувањето со кокаин се зголемило во Јужна Америка бидејќи криминалните групи ја презеле контролата врз областите што претходно ги водела најголемата бунтовничка група во Колумбија – Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).
Таа рече дека тоа довело до конкуренција меѓу групите – вклучувајќи и некои странски групи – што го зголемило производството на дрога.

[email protected]