Во тек се активности за ставање под контрола на пожарот што избувна вчера попладне над село Горно Врановци, а можеби ќе има потреба и од хеликоптерска интервенција.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска беше дел од хеликоптерско извидување на пожарот на планината Јакупица на просторот меѓу Чашка и Богомила, соопштија од ЦУК.
– Во текот на доцните попладневни часови во вчерашниот ден, пријавен е пожар над село Горно Врановци, општина Чашка. Пожарот е сериозен, гори трева, но, веќе на некои места е навлезен во шума. Можеби ќе има потреба од дополнителна хеликоптерска интервенција, изјави Ангелов.
Тој додава дека екипа на ЈП „Национални шуми“ се обидува да воспостави контрола.