Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според неодамнешното истражување на „Секјурити“, од сите социјални мрежи, на Јутјуб има најголема веројатност децата да бидат сајбер-злоупотребувани, со 79 отсто, потоа на Снепчет со 69 отсто, на ТикТок со 64 отсто и на Фејсбук со 49 отсто

ИНТЕРНЕТ-ВМРЕЖУВАЊЕТО АТРАКТИВНО ЗА ДЕЦАТА, УШТЕ ПОАТРАКТИВНО ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Според повеќе социолошки истражувања, социјалните мрежи се најголемата разонода и забава во изминатите неколку години. Поминувајќи време на нив, оние што ги практикуваат тврдат дека не само што брзо и забавно минува времето туку често и се споделуваат голем број интересни, но и едукативни видеа. Сепак, она што отсекогаш ја загрижувало стручната јавност е тоа што овие социјални мрежи се места за т.н. сајбер-предатори. Социјалните мрежи полека но сигурно се претвораат во места каде што децата минуваат многу од своето слободно време, но каде што може да станат лесна цел за педофили и други криминалци.
Социјалните мрежи, за жал, се користат и за голем број други криминални дејства, но и за разни „забави“ за тинејџери, кои успеваат да измамат државни институции, објавувајќи лажни предупредувања за бомби, но и малтретирање животни, тепачки помеѓу соученици и многу други инциденти.

ПРЕДАТОРИТЕ ГО СЛЕДАТ СЕКОЈ ЧЕКОР

Со повеќе од три милијарди преземања, ТикТок е најатрактивната апликација од социјалните мрежи, особено за младите, децата и тинејџерите. Свои профили на оваа социјална мрежа во најголем број имаат децата и младите, па оттука и големите грижи за полициските власти, родителите и психолозите.
Оваа социјална мрежа, каде што децата споделуваат видеа со широка публика, прави од нив цел на предатори, бидејќи оваа апликација им овозможува на корисниците да контактираат со кого било во светот, а тоа доаѓа со мноштво опасности.
Според психолозите, како и секоја платформа за социјални медиуми што има функција за директна порака или коментар, секогаш постои можност вашето дете да разговара со секого, вклучувајќи и со непознати.
ТикТок е платформа што ги поттикнува перформансите, а многу од нејзините корисници се возбудени да ги покажат своите таленти. Ова може да им олесни на предаторите да користат ласкање и комплименти како начин во животот на децата, правејќи ги да се чувствуваат посебно додека ги олеснуваат.
Посебен проблем е опцијата за „дует“, која овозможува да се направи ремикс на видеа и синхронизација на устен говор, бидејќи токму тие видеа се најискористени од сексуалните предатори.

ОПАСНИ МАНЕВРИ

Видеата што препорачано се појавуваат на ѕидот на корисникот, во зависност од неговиот интерес, најчесто се видеа од деца што изведуваат разни нереални акробации направени со монтажа на видеото. Според психолозите, токму тука е и проблемот, бидејќи голем број деца ќе посакаат да ги имитираат врсниците и да ги изведуваат тие видеа.
Дополнително, тинејџерите што се соочуваат со депресија, добиваат охрабрување да говорат за неа, меѓутоа не секогаш наидуваат на широка поддршка. Па, така, децата што јавно објавиле дека се справуваат со некаков проблем или депресија, најчесто добиваат навредувачки коментари и охрабрувања за извршување самоубиство и тоа да го направат јавно.
Доста голем проблем, според психолозите, е зависноста што ја предизвикуваат социјалните мрежи кај децата.
Едно истражување од Кина покажа дека депресијата, анксиозноста и стресот што произлегуваат од зависноста од ТикТок се поврзани со послаба работна меморија кај тинејџерите. И според „Волстрит журнал“, лекарите во повеќе земји известуваат за пораст на тинејџерките што развиваат тешки физички тикови и дека анксиозноста, депресијата и оваа социјална мрежа би можеле да бидат фактори што придонесуваат за тоа.

ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКИ ПРЕДИЗВИЦИ

ТикТок-апликацијата е создадена така што од корисниците се бара објавување нови и подобри видеа, што може да биде огромен притисок за детската психа.
Посебен проблем за здравствените власти се опасните предизвици, како предизвик со голтање лажиче цимет, предизвик со задушување, кои, за жал, не се единствени.
Децата се изложени на опасност и од тоа да станат жртви на сајбер-малтретирање, бидејќи кога видеата што ги објавуваат корисниците, особено децата, не се смешни и интересни, сопствениците на видеата се малтретирани и исмејувани на најголемата социјална мрежа, што може да предизвика дури и желба за самоубиство кај децата.
Според неодамнешното истражување на „Секјурити“, од сите социјални мрежи, на Јутјуб има најголема веројатност децата да бидат сајбер-малтретирани, со 79 отсто, потоа на Снепчет со 69 отсто, на ТикТок со 64 отсто и на Фејсбук со 49 отсто.
Дополнително, ТикТок одамна важи за мрежа каде што корисничките податоци не се добро заштитени, за што говори и фактот што во 2020 година Владата на САД отвори судски процес против „ТикТок“ токму на оваа тема. Федералната трговска комисија го казни „ТикТок“ со 5,7 милиони долари за прекршување на Законот за заштита на приватноста на децата на Интернет.
Законот во САД е категоричен, за деца под 13 години социјалните мрежи мора да добијат согласност од родителите за собирање на податоците за децата, а надлежните од „ТикТок“ не го сторија тоа. Оттогаш се воведоа доста измени со кои се подобрува заштитата на приватноста и безбедноста на платформата.

ТИКТОК ПРАВИ ХАОС И ВО МАКЕДОНИЈА

Кон крајот на ноември минатата година, три лица беа приведени поради објава на две видеоснимки на платформата ТикТок, во кои има лажни закани за можен терористички напад на еден трговски центар во Скопје.
Откако биле објавени видеата, во акцијата се вклучиле повеќе сектори во МВР, како тој за борба против тероризмот и секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, но и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Трите лица, од кои двајца се татко и син, биле лоцирани, а јавен обвинител даде наредба да се направи претрес во нивните домови. Едно од лицата е 26-годишно момче од селото Студеничани, додека таткото и 22-годишниот син се од Скопје.
Според соопштението на МВР, во домот на таткото и синот биле пронајдени уредите преку кои тие ги објавиле лажните видеа на ТикТок, а синот во разговор со полицијата признал дека тој ги изработил и објавил видеата.
Тројцата добија кривични пријави.
Tројца малолетници на возраст од 16 и 14 години од Ресен, за да бидат интересни на оваа социјална мрежа, во февруари минатата година, сквернавеа гробови во Ресен, по што добија кривични пријави.