Фото: МИА

Поради влошување на здравствената состојба, Бојан Јовановски, е задржан на лекување во болницата за хируршки болести „Св.Наум Охридски“. Во болницата, од затворот „Идризово“ бил донесен на контролен преглед, а поради лошата состојба е одлучено да остане на болничко лекување.

Информацијата за медиумите ја потврди адвокатот на Јовановски, Владимир Туфегџиќ.
– Заради сериозноста на состојбата надлежните лекари специјалисти донесоа одлука пациентот да биде итно задржан на болничко лекување. Во лекарскиот извештај на специјалистите е наведено дека ваквото влошување на здравствената состојба е резултат на неспроведувањето на терапијата и медицинскиот третман кај пациентот. На ден 31.10 2022 година ваквата состојба е констатирана и од стручниот колегиум на клиниката за гастрологија – вели адвокатот Туфегџиќ.

Адвокатот минатата недела поднесол барање до директорот на управата за извршување санкции да дозволи 30 дневен прекин на издржување на казната за Јовановски, поради потреба од болничко лекување, а сега најави и дека утре ќе го дополни ова барање со најновата медицинска документација врз основа на која е задржан на болничко лекување.

Боки 13 е осуден на деветгодишна казна затвор за случајот „Рекет“.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со екс специјалната обвинителка Катица Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО.