С.С.(68) е приведен откако вчера самиот пријавил во полициска станица дека во сопствениот дом во Арачиново испукал куршум од пиштол „Црвена Застава“ калибар 7.65мм кон неговата сопруга З.С.(59).
З.С. е пренесена во комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде ѝ се констатирани тешки телесни повреди.
Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 68-годишен жител на Арачиново кој вчера пријавил во полиција дека во сопствениот дом испукал куршум кон неговата сопруга, нанесувајќи ѝ тешка телесна повреда во главата, во пределот на увото.
– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 68-годишен жител на Арачиново, осомничен дека сторил кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1, како и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ според член 396 став 1 од Кривичниот законик – информираат од ОЈО Скопје.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице и привремено одземање на патната исправа.
Судијата, како што информираат, го прифатил предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му ги определи бараните мерки на претпазливост во текот на кривичната постапка.