По една година од кога беше објавена пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, денеска во Апелациониот суд Скопје, почна јавната седница за жалбите поднесени од обвинетите Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска и останатите обвинети за овој предмет, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на стотина граѓани на Македонија, во период од 2008 до 2015 година.
За овој случај, Основниот Кривичен суд – Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од страна на првостепениот суд е казнет со казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Додека, обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судија известител на денешното рочиште во апелација е судијата Енвер Беџети, а како застапник на Вишото Јавно обвинителство Скопје е обвинителот Елвин Вели.