Според експертите, сајбер-нападите имаат предност над физичките напади, а хакерите не избираат ниту време ниту локација за остварување на своите цели. Но според новите кримоткритија на специјализираните служби, на интернет постои нелегален пазар или форум, на кој на големо се нудат хакерски услуги, се препродаваат информации на огромни компании, но и на приватни лица…
ПАЗАР ЗА ХАКЕРСКИ УСЛУГИ НА ИНТЕРНЕТ
Компјутерскиот свет и можностите што ги нуди тој се огромни, а сепак, тоа се работи за кои малкумина знаат, односно, обичниот свет знае да пристапи до основните интернет-услуги. И покрај тоа што оваа област е само за експерти, постојат многумина од другата страна на законот што прават инкриминирани дејства, за кои многумина не ни можат да замислат. Ако „дарк веб“ беше и сѐ уште е еден од најголемите предизвици за полициските власти низ светот, сега постои и форум каде што се споделуваат разни приватни информации со инкриминиран карактер, а кој, за среќа, беше откриен од страна на властите.
ФОРУМ ЗА ХАКЕРИ
Дали сте знаеле дека на интернет постои нелегален пазар или форум, на кој на големо се нудат хакерски услуги, се препродаваат информации на огромни компании, но и на приватни лица? Многумина воопшто не ни помислиле за ова, меѓутоа, доколку обичните луѓе не знаат, тоа не значи дека не постои.
Неодамна, Европол во соработка со поголем број земји успешно го затвори форумот „РаидФорумс“. Во акцијата беа уапсени администраторот на форумот и двајцата негови соучесници.
Форумот е лансиран уште во 2015 година и тој досега претставуваше еден од најголемите светски хакерски форуми, со заедница од над половина милион корисници. Овој пазар се прослави со продажба на пристап до протекувањето на базите на податоци од висок профил што им припаѓаа на голем број американски корпорации низ различни индустрии. Тие содржеа информации за милиони кредитни картички, броеви на банкарски сметки и информации за рутирање, како и кориснички имиња и поврзани лозинки потребни за пристап до онлајн сметките. Сите тие информации се добиени со помош на хакерски напади и прекршување на законите.
Операцијата насловена „Турникет“ беше координирана на меѓународно ниво од Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол и беше кулминација на една година прецизно планирање помеѓу органите за спроведување на законот вклучени во подготовката за акцијата.
Акцијата успешно ги откри администраторот, лицата задолжени за перење пари, корисниците задолжени за кражба и поставување на податоците, како и купувачите на истите тие.
Шефот на Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол, Едвардас Шилерис, истакна дека прекинот на работата на форумите отсекогаш бил клучна техника во работењето против актерите што се закана преку интернет.
– Со држењето на нишан на форумите на кои се сместени огромни количества украдени податоци се држат криминалците во раце. Европол ќе продолжи да работи со своите меѓународни партнери за да го направи сајбер-криминалот потежок и поризичен за извршување – истакна тој.
ГОЛЕМ БРОЈ ХАКЕРСКИ НАПАДИ И ВО ЗЕМЈАВА
Хакерски напади не се новитет ниту за земјава, иако досега не е обелоденето дали македонски државјани учествуваат во вакви криминални активности.
Сепак, државата има сериозен проблем со хакерски напади од страна на хакери што не го прават тоа за некаква финансиска добивка, туку од чиста забава и анимација. Па оттука се поставува прашањето, доколку некој од чиста забава може да прави вакви подвизи, којзнае што сѐ може да направи доколку за тоа добие финансиски надомест.
Во февруари годинава беше најсвежиот случај, во кој земјава се соочуваше со хакерски напади, па така цел на хакерите „Моќна грчка армија“ беа банките во земјава.
Нападот резултира со отежнат или блокиран пристап до интернет-страниците на Народната банка и на другите банки во земјава.
Исто така два дена беше падната веб-страницата Услуги.гов.мк, која наедно се користи како основа и за логирање на Вакцинација.мк и е еден од најчесто посетуваните државни сајтови во изминатите две години поради пандемијата. За време на пописот, лани веб-страницата на Државниот завод за статистика и системот за попишување беа цел на хакерски напади и за нив беше отворена истрага. Како заврши таа истрага, во јавноста сѐ уште нема информации. На почетокот од 2020 година, сајтот и мејл-системот на Министерството за здравство и на Владата беа хакирани, а во октомври 2021 година од системот на Вакцинација.мк неколку хакери објавија дека си извадиле важечки ковид-сертификати иако не примиле вакцина. Пред две години, за првпат жртва на хакерски напади беше и апликацијата на Државната изборна комисија за време на изборен процес, при што се откри дека во институцијата само еден човек бил задолжен за овој сектор.
ХАКЕРСКИТЕ НАПАДИ НОВА ЗАКАНА ЗА ЧОВЕШТВОТО
Според експертите, сајбер-нападите имаат предност над физичките напади, а хакерите не избираат ниту време ниту локација за остварување на своите цели.
– Брус Шнејер, познат американски криптограф, со огромно професионално искуство за компјутерска безбедност, навел: аматерите го хакираат системот, професионалците ги хакираат луѓето. Денес, со развојот на информатичката технологија и поврзано со ова нејзината злоупотреба од наднационален карактер, сѐ повеќе е евидентно дека сајбер-нападите имаат предност над физичките напади. Од нив не се заштитени ниту поединците како физички лица ниту, пак, државните институции, деловната заедница и преостанатите корисници на интернет-мрежите. Затоа се поставува прашањето дали нашите тајни се навистина само наши. Преку споделување значајни и споредни моменти од нашиот живот на Фејсбук, Инстаграм, Линкедин и други мрежи ние се доведуваме во ситуација определени информации да бидат злоупотребени и поради слаба безбедносна култура да се доведеме во опасна ситуација – вели проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност.
Според него, по земјата не одат ангели и токму затоа ни се потребни и чувари, доколку ние не сме свесни да ги заштитиме приватните или деловните информации во целина.