Полицијата бележи рекорди во заплената на дрога во пристаништето Гвајакил, но криминалците не запираат туку изнаоѓаат нови форми на шверц

БРИТАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ПРЕЗЕНТИРА ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПРЕСВРТ ВО ЛИДЕРСТВОТО НА КРИМИНАЛНОТО ПОДЗЕМЈЕ

Според британските полициски служби, од рекордните 11 тони кокаин што минатата година биле запленети во Велика Британија, најголем дел е дистрибуиран од криминалните организации со потекло од Балканот, поточно од фракции на криминалните организации сочинети од етнички Албанци. Полициските истражители укажуваат дека миграцијата од Албанија овозможи формирање банди од кланови што ги презедоа шверцерските мрежи, со кои порано доминираше италијанската мафија

Еквадор е една од земјите познати по производство и шверцување дрога. Пристаништата во оваа земја се преплавени со кокаин, а едно од нив е пристаништето Гвајакил, од каде што се испраќа кокаин во Европа. Токму тука, според најновите полициски истражувања и анализи, се потврдува дека албанските банди ја презедоа контролата врз шверцерските канали, преку кои кокаинот се носи и дистрибуира во Велика Британија.

Сѐ почнува од Гвајакил, Еквадор

Градот Гвајакил, клучна локација за албанскиот криминален синџир, сега стана најнов епицентар на светското насилство што е поврзано со дрога.
Во трката кон врвот, албанската мафија не избира средства. Како октопод, своите краци ги има распространето насекаде во државните служби во Еквадор: во обвинителството, полицијата, помеѓу адвокатите и поморските команданти -сите успешно ги вмешале во коруптивни скандали и во меѓународна трговија со кокаин.
Тие се потпираат на локалните банди во Еквадор, кои им помагаат во транспортот на нивниот кокаин и во обезбедувањето. Амбицијата на конкурентите да станат најголеми и најдобри создаде остро ривалство меѓу нив.
Во моментов, Албанците држат два синџира на снабдување во Гвајакил – едниот од Јужна Колумбија, а другиот од Перу.

Албанската мафија раководи со целиот синџир на снабдување од Јужна Америка кон Европа

Полициските извештаи потврдуваат дека во споменатиот еквадорски град Гвајакил веќе некое време се случува жестока битка за превласт помеѓу наркобандите. Последната информација вели дека албанската мафија го презема овој град.
Како што обелоденуваат медиумите, локалните млади лица, желни да влезат во светот на дрогата, лесната заработувачка и возбудливиот живот во подземјето, водат брутална меѓусебна борба во овој град, обидувајќи се да се наметнат кај новите господари на извозот на кокаин во регионот – албанските банди.
Според извори од британските полициски служби, од рекордните 11 тони кокаин што минатата година биле запленети во Велика Британија, голем дел отпаѓа на набавки од балканските, односно албанските криминални фракции. Од Јужна Америка, тие ја испорачуваат дрогата до британските брегови, преку Белгија или Холандија, кои во последниве години се претворија во главни европски пристаништа за дрога.
Миграцијата од Албанија, една од најсиромашните европски држави, овозможи формирање банди во клучните градови низ Јужна Америка, кои ги презедоа шверцерските мрежи, со кои порано доминираше италијанската мафија.
По договорот за мир со герилците на ФАРК во Јужна Америка, фрагментацијата на организираните криминални структури ги отвори портите за пазарите на дрога, дозволувајќи им на албанските банди да се наметнат. Отфрлајќи ги традиционалните италијански или мексикански посредници, Албанците преговараат директно со производителите. Тие сега во најголема мера раководат со целиот синџир на снабдување од Јужна Америка кон Европа.

Четири техники на шверцување

Додека албанските банди прават напори за зголемување на својот извоз во Европа, пристаништето на реката Гуајас во Гвајакил е нивен главен центар за дистрибуција на кокаин. Во споредба со 2020 година, кога полицијата на ова пристаниште заплени 128 тони кокаин, во 2021 година беа запленети рекордни 210 тони. Шверцерите имаат четири главни техники на функционирање.

Првата, која е особено популарна кај албанските наркоорганизации, вклучува водење лажна компанија, која самите ја основаат или ја купуваат од некого, за да скријат кокаин во сè и сешто – од чај до морски ракчиња, со помош на техниката на обивање.
Второ, шверцерите кршат отворени контејнери со легитимна стока за извоз и во нив ја вметнуваат дрогата за испорака, користејќи клонирани царински пломби за да го скријат делото. Кокаинот потоа го преземаат гангстерите во Европа, кои ги пресретнуваат бродовите со контејнери на нивната дестинација.
Трето, шверцерите ја сокриваат дрогата во празнините на бродовите со контејнери, а почнале да користат дури и рибарски чамци за да пресретнат некои од нив на отворено море.

И конечно, шверцерите почнале да ја прикачуваат дрогата на труповите на бродовите додека тие се закотвени во пристаништата, па полицијата е принудена да ги обучува бродските капетани однапред да ги детектираат таквите операции.
Повеќето од контејнерите што испловуваат од Гвајакил, пристигнуваат во Антверпен (Белгија) или во Ротердам (Холандија), каде што на цариниците им се нудат десетици илјади евра само за да „замижат“.

Ова претставува голема промена, со оглед на тоа што поголемиот дел од кокаинот порано пристигнувал на јужните европски пристаништа, под директна контрола на шпанските банди и италијанската мафија. Но сега северните европски пристаништа ги приближуваат Албанците до најпрофитабилните пазари, вклучувајќи и до Обединетото Кралство.

Белгиските власти во Антверпен излегоа со соопштение дека лани на пристаништето биле запленети рекордни 90 тони кокаин, во вкупна вредност од 13 милијарди евра. Експертите сметаат дека Албанците работат како лабава мрежа, наместо како формална банда со една водечка фигура на врвот.
Во Обединетото Кралство албанскиот кокаин влегува преку пристаништата Харвич или Тилбери во Есекс, како и преку Имингам и Хал, кои се сместени по должината на реката Хамбер.

Се смета дека голем дел од него ќе заврши во рацете на Хелбанианз, банда што потекнува од Баркинг, источен Лондон, и која регрутира млади дилери преку социјалните мрежи, ветувајќи им автомобили „ферари“, златни часовници „ролекс“ и купчиња банкноти од по 50 фунти.

Во крајбрежниот град Гримсби, во североисточен Линколншир, локални дилери раскажуваат дека албанските банди креирале мрежа од продавници и берберски работилници, од каде што ја продаваат својата дрога. Албанските гангстери им нудат на тинејџерите заеми во вид на готовина или дрога. Откако нема да може да ги вратат, ранливите корисници се присилени да чуваат и продаваат дрога како отплата за долгот – нешто како современо ропство.