Специјалната обвинителка Катица Јанева денес за првпат и се обрати на јавноста, по нејзината најавена оставка од позицијата прв човек на Специјалното јавно обвинителство.
Во врска со мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“, најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување или несторување не сум ја злоупотребила должноста. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат околностите во овој случај, изјави специјалната обвинителка.
Таа ѝ се извини на јавноста затоа што не се појавила во јавноста подолг период, односно од објавувањето на случајот „Рекет“.
Таа рече дека е свесна дека освен Бојан Јовановски и други лица го злоупотребиле нејзиното име.
– Свесно оставив подолг период да не излезам со став во јавноста иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч и решив да го направам тоа за со мој потег да не се смета дека правам притисок или се мешам во истрагата – рече Јанева.
Рече дека е точно дека се познава со Бојан Јовановски и дека никогаш не криела дека син ѝ е вработен во 1ТВ.
– Но ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотреби мојата должност и да остварува привилегии и затоа очекувам низ транспарентна судска постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наруши на мојата чест и углед – рече Јанева.