Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии“, пишува порталот за истражувачко новинарство „Призма“.

Министерството за финансии, завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева.

Овие 157.000 евра во периодот од нешто повеќе од 4 години Јанева ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“. Дел од тие бонуси е и за кирија (400 евра) и надоместок за тоа што работела надвор од градот во кој живее (по 42 евра), објави „Призма“.

Најголемиот дел од бонусот е додатокот за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „други трансфери“. Овој додаток секоја година станувал сѐ поголем и поголем – 1.600 евра, па 2.200 и сѐ до 4.000 евра неколку пати во текот на секоја година или вкупно 46 пати.

Овој додаток е дел од Законот за СЈО, а одлуката за висината на тој додаток ја носела сама Јанева.

Додаток на доверливост добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО. Кај Јанева се регистрирани и уште неколку други уплати од Академијата за јавни обвинители, Од Владата и од нејзиното матично обвинителство во Гевгелија.

Катица Јанева од пред два дена е во домашен притвор.