Фото: Маја Јаневска-Илиева

Криминалната мрежа, составена од организирана група лица државјани и жители на Египет, Ирак, Сирија и на Романија, работела од октомври 2020 година. Групата имала свои ќелии низ Балканот, од каде што соработниците обезбедувале сместување и транспорт за мигранти од Јордан, Иран, Иран и од Сирија. Неколку криминални ќелии лоцирани во Романија го организирале преминувањето на групи мигранти преку илегални гранични премини од Бугарија и од Србија и го организирале нивното привремено сместување во околината на Букурешт и во западна Романија. Мигрантите потоа биле пренесувани во Унгарија, а крајна дестинација била Германија

МИГРАНТСКАТА КРИЗА ПОВТОРНО ВО ПОДЕМ

Шверцот со мигранти е болна точка на сите земји во светот, независно од тоа колку се моќни. Шверцерите со мигранти и самите мигранти постојано пронаоѓаат разни начини за нелегално да ги преминат границите. Понекогаш обидите се незабележливи бидејќи се користат разни „тивки“ и нелегални начини на премини, но сѐ почесто обидите за нелегален премин се до тој степен агресивни, што се случуваат судири со властите. Често обидите за шверц и нелегално преминување на границите завршуваат кобно за животите на мигрантите. Државите и полициските власти во светот пронаоѓаат голем број начини за справување со шверцот со мигрантите, некогаш успешно, а веројатно многу повеќе неуспешно, односно влегуваат во т.н. темна бројка. Штетите за државите се огромни, а криминалот со шверц на мигранти сѐ уште не ја достигнал кулминирачката точка.

БАЛКАНСКА МИГРАНТСКА МАРШРУТА

Полициските власти на Романија заедно со Европол, на крајот на минатиот месец, успешно разбија организирана криминална група што била инволвирана во шверцување мигранти на таканаречената балканска маршрута.
Во акцијата биле реализирани 22 претреси на објекти, апсење на 18 осомничени, откривање муниција, пет возила, мобилни телефони и сума од 22 илјади евра во готовина.
Криминалната мрежа работела од октомври 2020 година, а била сочинета од жители на Египет, Ирак, Сирија и на Романија. Групата имала свои ќелии низ Балканот, од каде што соработниците обезбедувале сместување и транспорт за мигранти од Јордан, Иран, Ирак и од Сирија. Неколку криминални ќелии лоцирани во Романија го организирале преминувањето на границите од Бугарија и од Србија на групи мигранти и го организирале нивното привремено сместување во околината на Букурешт и во западна Романија. Мигрантите тогаш биле нелегално пренесувани во Унгарија, а потоа го продолжувале патот до Германија како крајна дестинација.
Вкупно биле пресретнати 26 илегални транспорти на 490 мигранти, кои се обиделе нелегално да ја преминат романската граница. Добро организирана, криминалната организација била инволвирана во други криминални активности, како што е шверц со дрога, измама со лажни документи и криминал со имот.

ЦЕНИ ДО ДЕСЕТ ИЛЈАДИ ЕВРА ОД МИГРАНТ

Мигрантите плаќале помеѓу четири и десет илјади евра, во зависност од договореното. На пример, цената за транспорт од Романија во Германија изнесувала помеѓу четири и пет илјади евра. Мигрантите и оние што имале фамилија и мали деца, биле сместувани во екстремно сиромашни услови, најчесто без пристап до тоалет или вода. Како безбедни куќи се користеле сместувања од членовите на организацијата. Во една од безбедните куќи со големина од 60 квадратни метри, осомничените криеле 100 мигранти истовремено.
Потоа, мигрантите биле пренесувани во ризични услови во разни камиони без соодветна вентилација.

РЕЗУЛТАТИ ОД ПОСЛЕДНАТА АКЦИЈА И НА ЕВРОПОЛ

Голем удар им беше зададен и на криминалните групи што заработуваат од трговијата со луѓе и мигранти од страна на Интерпол, кој реализира дури 286 апсења на осомничени лица.
Полициските власти од 47 држави учествуваа во операцијата „Либера“ на почетокот на минатиот месец, реализирајќи дури 500 илјади инспекции на аеродроми и на гранични премини.
Во акцијата успешно биле спасени 430 жртви на трговија и четири илјади мигранти од 74 различни држави. Многумина од нив имале потреба од медицинска, психолошка и домашна помош и биле предадени на соодветните служби за да ја добијат соодветната нега.
Биле реализирани дури 60 нови истраги, со што било утврдено дека лажните документи и идентитети биле клучни кога станува збор за нелегалниот транспорт на луѓе за да ги преминат границите.
– Операцијата „Либера“ ја покажува глобалната состојба со шверцот на мигранти, во која криминалните групи се добро организирани само за да остварат профит – изјави генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКИ ТРАНСПОРТ

Оние што работат со шверцување мигранти, имајќи ја во фокусот заработката повеќе финансиски средства, воопшто не се грижат за безбедноста на мигрантите.
Хрватска и Никарагва забележале смртоносни сообраќајни несреќи во кои шверцерите се обиделе да ги избегнат патничките контроли. Мигрантите во Словенија биле пренесувани во куќички за кучиња. Во Грција, мигрантите пријавиле дека плаќале по две илјади евра за четиричасовно патување со автомобил низ земјата. Во Тунис, пак, крајбрежната стража успеала да спаси 69 мигранти од 11 различни земји од Африка.
Седум млади девојчиња биле спасени во Либија, кои биле жртви на сексуална експлоатација и трговија со луѓе. Во Венецуела жртвите на сексуална експлоатација биле принудувани на секс со закана за смрт.
Земји-учеснички во операцијата биле Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Македонија, Србија, Турција, Катар, Кенија, Бразил, Мексико и други земји.

[email protected]