Зоран Ѓорѓиевски, советникот во кабинетот на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, по вчерашната кривична пријава и суспензија од работното место, денеска заработи и најстрога дисциплинска мерка поради тоа што на денот на изборите го нападна началникот на Единицата за безбедност во сообраќајот во СВР Тетово, Зоран Талев.
– Денеска, од страна на дисциплинска комисија до министерот за внатрешни работи беше доставен предлог за донесување решение за изрекување најстрога дисциплинска мерка. Предлогот е прифатен од страна на Чулев и за гореспоменатото лице е потврдена предложената дисциплинска мерка – информираат од кабинетот на техничкиот министер.
Од таму нагласуваат и дека во текот на изминатиот период во неколку наврати министерот потенцирал дека законите се спроведуваат неселективно, без разлика на партиската, верската и националната припадност.