Работите не функционираат така како што се прикажани во сериите. Во реалноста нема лесна и брза идентификација на ДНК и одеднаш на компјутерот да ви излезе возачката дозвола на сопственикот на ДНК, ниту, пак, ги добивате ГПС-координатите што ќе ве одведат директно кај тој човек, вели Тим Купершмид, експерт за форензика
Дали и колку има вистина во телевизиските серии и филмови кога станува збор за истражување на местото на злосторството? На малите екрани постојано се прикажуваат серии што се интригантни за гледачите, а особено затоа што опфаќаат еден сегмент од полициската работа, кој не ѝ е познат на јавноста. Утврдувањето ДНК, земањето отпечатоци, супербрзите компјутери што веднаш ги пронаоѓаат сторителите на кривичното дело се само мал дел од работите што ни се презентирани на малите екрани. Се поставува прашањето дали и колку има вистина во она што ни е презентирано на малите екрани.
Тим Купершмид, кој работел како извршен директор на лабораторијата за форензика „Соренсен“, во едно интервју говори за тоа колку има вистина во телевизиските серии што опфаќаат истражување на местата на злосторството.
– Ги гледам овие емисии заради забава. Едноставно, ваквите работи не функционираат така како што се прикажани во сериите. Во реалноста нема идентификација на ДНК и одеднаш на компјутерот да ви излезе возачката дозвола на сопственикот на ДНК, ниту, пак, ги добивате ГПС-координатите што ќе ве одведат директно кај тој човек – изјави Купершмид.
Него често го прашуваат дали работите функционираат така како што е прикажано. Вели дека работата на форензичарите не е толку сјајна како на ТВ- екраните, таа знае да биде многу здодевна и вклучува многубројни часови работа. Така, на пример, анализата на ДНК пронајдена на одредено место на злосторство трае со часови, додека, пак, на телевизиските серии тоа се прикажува дека е работа што одзема неколку секунди.
Во реалноста, анализата на ДНК трае од два до пет дена, и тоа ако нема компликации во случајот. Лабораториите се соочуваат со многубројни проблеми. Некои лаборатории имаат од 30 до 60 дена период на чекање пред да се добие анализата. Во случаите каде што не станува збор за криминал против човек и истрага на убиство, чекањето може да трае дури и години.
Постојат голем број митови, токму поради телевизиските серии. Па, така, таму ни е прикажано дека оној што работи во лабораторија врши распит на осомничени, апси и прави други полициски работи.
– Ние не се возиме во ултрамодерни и ултраопремени џипови низ плажите на Мајами, ретко може да се најде лице што работи во лабораторија да работи и на терен. Едноставно, нема да испратите некој во полициска академија за да го затворите во лабораторија. Тоа би било залудно изгубен тренинг. Исто како што некој не би бил научник за да го пуштите да работи на улична патрола – истакна Тед.
Интересно е тоа што на малите екрани може да се види како форензичарите си ги следат сите случаи на кои работеле, а тоа воопшто не е така. Тие работат голем број случаи, што е невозможно да се следат. Форензичарите воопшто и не се запознаени дали случајот на кој работат е случај што бара итно решавање. Она што е интересно е дека откако почнало емитувањето на таквите серии, голем е интересот на луѓето да станат форензичари, а уште поинтересно е што поротниците во судовите замислуваат дека токму таква е работата на форензичарите.
Пред да почнат да се емитуваат ваквите емисии, ретко кој знаел што воопшто претставува ДНК. Сега е дел од нормалните разговори и сте се запознаени со нејзиното постоење.
– На сериите гледаме дека форензичарите јадат и пијат за време на анализите и се шегуваат со своите колеги. Тоа, едноставно, не функционира така. Нема јадење и пиење во лабораторијата додека се вршат тестови, бидејќи форензичарот мора на себе да носи маска, за да не ги контаминира примероците.
Лажни митови во истражувањето на местата на злосторството
1. Лабораториите можат да ги собираат, подготвуваат, тестираат и да ги добијат резултатите од анализата на ДНК и други форензички тестови за неколку часа.
2. Осомничениот седи во собата за испрашување облечен во истите алишта што ги носел во периодот кога го извршувал кривичното дело. Дополнително, реализираните тестови врз неговата облека и врз него пристигнуваат за неколку минути и детективите веднаш пристапуваат кон негово испрашување.
3. Истражувачите на местата на злосторството ги следат случаите од почетокот до крајот, ги заклучуваат истрагите и го решаваат случајот за неколку дена.
4. Истражителите директно се инволвирани во истрагата, апсењата и во потерите.
5. Истражителите можат да добијат ДНК од секоја површина.
6. Анализите на ДНК даваат два одговори: да, тој го направил кривичното дело, и не, не го направил кривичното дело.
7. Истражителите не само што можат да извлечат ДНК од сѐ туку можат и да кажат дали истата таа е од плунка, пот, солзи па дури и од кремирано човечко тело.
8. Сите ги има во базата на ДНК.
9. Кога ќе се најде совпаѓање на ДНК, компјутерот веднаш на екранот има црвени букви, анализа што е 99 проценти точна, а излегува и возачката дозвола на сторителот.
10. Истражителите ги вршат анализите додека грицкаат и се шегуваат со колегите.