Обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ да бидат осудени на доживатна казна затвор, на Фејзи Азири да му биде изречена 15 години затворска казна, а на Хаки Азири од девет до десет години затвор, бара обвинителката Фатиме Фетаи.
– Со друга санкција нема да се постигне санкцијата – рече Фетаи на судењето.
Таа објасни дека според Обвинителството, целта на петкратното убиство била дестабилизација на Македонија, а важно било жртвите да се Македонци.
– Иако е јасно за јавноста и за семејствата на жртвите е важно зошто е направен овој чин, во случајот, од доказите проилегува дека изборот на жртвите е да се Македонци. Конкретни докази за мотивот за кривичното дело тероризам, вообичаено нема – рече Фетаи.
Според неа, обвинетите успеале во мотивот за дестабилизација, со оглед на протестите кои се одржуваа во тој период.
– Се задоволиле со непоткрепени тези за „крвав Велигден“, но не дава одговор на тоа зошто. Дејствијата на убивањето на петте лица е терористички акт и извршителите тоа го знаеле. Можноста за дестабилизација на Македонија е мотив за овој чин, а делумно има успех, што се покажа на револтот изразен на протестите. Се обратив до Агенцијата за разознавање, но не дадоа податоци од помош. Мотивацијата да не се екстрадираат Алил и Агим од Косово е можеби подлабока и тие ќе треба да ги дадат одговорите за мотивите – рече Фатиме, надевајќи се дека ќе бидат екстрадирани.