Зоран Милески – Кичеец од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е префрлен во казнено-поправниот дом во Струга, откако Апелацискиот суд во Гостивар му го укина 30-дневниот притвор што му беше определен поради сообраќајката на патот Гостивар – Кичево од 4 септември, во која загина едно лице, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на информации од затворот во Шуто Оризари.
Кичеец беше правосилно осуден на тригодишна затворска казна откако призна вина во случајот „Рекет“. Тој ја издржува казната во струшкиот затвор. Милески на почетокот на минатиот месец добил 30-дневен прекин во издржувањето на казната поради здравствени причини, како што соопштија од Управата за извршување санкции.
Во тој период, на 4 септември, тој возејќи автомобил „мерцедес“ учествуваше во тешка сообраќајка на патот Гостивар-Кичево, во која имаше седум повредени и еден загинат. Гостиварското обвинителство го сомничи Кичеец за предизвикување на несреќата и бараше притвор за него, во истрагата која беше отворена за овој случај.