Три лица се приведени по објавување видеа со лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје.
Како што информираат од полицијата, по објава на два видео клипа на социјалната мрежа Тикток со, како што е подоцна утврдено, лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје, веднаш се преземени соодветни мерки од страна на МВР-БЈБ-Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал/Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, СВР Скопје и Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика и Агенцијата за национална безбедност.
Преземени се потребните безбедносни мерки, а утврдени се и лицата – можни креатори на лажните видеа. Известен е јавен обвинител, по чии насоки се обезбедени наредби за претрес на дом кај Н.С. во село Студеничани и У.И. во Скопје.
При претресот на втората локација најдени се дигитални уреди преку кои се објавени лажните видеа. Приведени се Н.С., У.И., како инеговиот син А.И.
Во службениот разговор, А.И. признал дека тој ги изработил и пласирал лажните видеа. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.