Обвинителката Фатиме Фетаи пред судот се откажа од гонење на обвинетиот Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело тероризам. Фетаи образложи дека за него нема докази со кои би се потврдило дека тој сторил какво било кривично дело. За обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување кривично дело.
– Дејствата беа спорни, но добиле пресуда од две судски инстанци. По насоката од Врховниот суд, со анализа и оценка на доказите се донесе заклучок дека нема докази оти тој презел докази со кои било исполнето кривичното дело тероризам, ниту кое било друго кривично дело – рече Фетаи за одлуката да не го гони Самир Љута.
Љута беше обвинет дека им помагал на извршителите, претставувал логистика и чувал стража во близина на местото на злосторството додека се случувало петкратното убиство. Тој претходно беше осуден на доживотна казна затвор заедно со другите обвинети.