Австриската полиција од МВР побарала информации за вкупно три лица кои покрај австриското имаат македонско државјанство, а се поврзани со синоќешниот напад во Виена.
– Денеска од австриската полиција, преку Европол, до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за соработка и информации околу терористичкиот напад кој се случи синоќа во Виена. Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија) – велат од МВР.
Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се ставил на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваат на сите елементи поврзани со овој случај.
Од Министерството информираат дека остварена е и директна комуникација меѓу премиерите Зоран Заев и Себастијан Курц. Курц изразил благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразиле подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба.