Рочиштето за предметот „Топлик“ се одложи поради „ТНТ“, бидејќи ексминистерот Миле Јанакиески е обвинет во двата предмета. Судијата Осман Шабани им кажа на обвинетите и нивните адвокати дека следното рочиште ќе се одржи на 28 февруари, по што им заблагодари што дошле на денешното рочиште.
– Со оглед дека во ист ден е закажана главна расправа по предметот ТНТ, рочиштето се одлага – рече Шабани.
Случајот „Топлик“ се води против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението, Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44 илјади евра.
Во предметот „ТНТ“, пак, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Спроед обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.