Обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева се побунија на барањето од обвинителката Вилма Русковска јавноста да не ги слуша снимките од УСБ-то на осудениот Зоран Милески, а како причина е повреда на углед на лица, чии имиња се споменувале. Судијката Васка Николовска-Масевска одлучи да ја исклучи јавноста, иако сите обвинети и нивните адвокати и натаму се противеа.
– Да се исклучи јавноста, бидејќи се споменуваат имиња чиј углед може да се наруши – рече Русковска.
Адвокатката Ирена Фрчковска ја потсети Русковска дека на вчерашното рочиште кажала оти остатокот од снимките ќе бидат јавно презентирани, а денес има друг став.
– Вие вчера кога ја прашавте обвинителката кажа дека јавно ќе бидат изведени доказите – рече Фрчковска.
Јанева ѝ рече на судијката Николовска-Масевска дека и со презентирањето на снимките објавени од „Ла Верита” бил повреден нејзиниот углед, но јавноста ги слушала. Таа додаде дека сака јавноста да чуе сè што има во снимките.
– Нема ништо загрозувачки во снимките, ништо. Ние ги имаме слушнато. Ве молам. Во однос на снимките од „Ла верита“ имаше повреда на мојот личен интегритет, но не беше исклучена јавноста. Ние сакаме континуирано сè јавно да се слушне – вели Јанева.
Сличен став имаше и обвинетиот Бојан Јовановски, кој кажа дека јавноста треба да остане во судницата за да се спречат шпекулации.
– За да се спречат шпекулации во однос на тие фамозни снимки, сакам да остане јавноста. Вие носите крајна судска одлука, но во овој случај се изнаслушавме разни работи од страна на јавноста и медиумите, јас и моето семејство бевме изложени на тежок срам – рече Јовановски.
Сепак судијката одлучи да го прифати предлогот на Русковска.
– Судот донесе одлука да биде исклучена јавноста бидејќи има лица кои не се дел од кривично правниот предмет – рече судијката.