Во Кривичниот суд денеска, рочиштето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, заврши со прикажување на видео-снимка од камера што се наоѓа во ходникот пред-прес-центарот во Собранието. Судењето продолжува утре.
На снимката од пред прес-центарот во Собранието се гледа како Сашо Тасевски од собраниското обезбедување, кој е сведок во случајот, стои со двете раце испружени напред, а кон него доаѓаат лица со фантомки. Меѓу нив се и обвинетите Никола Митревски-Кољо и Стефан Младеновски. Во меѓувреме доаѓа и Дејан Давидовски, кој е во бегство. По некое време се гледа како Тасевски го оттурнува Митревски, а Митревски го удира Тасевски.
Во холот се појавува и обвинетиот поранешен началник на МВР, Оливер Поповски, кој, како што истакна обвинителката Ивана Трајчевска, гледа што се случува и не презема ништо.
На снимката се гледа како толпа се обидува да влезе во прес-центарот. Дел од лицата се со фантомки. Се гледа како Митревски стои прв и пробува да се пробие напред, но таму стојат лица од обезбедувањето.
Се забележува движењето на поголем дел од обвинетите меѓу кои и Митревски, Младеновски, Давидовски, Митре Питроповски, Горанче Ангеловски, Илија Славески, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Игој Југ, Вилијам Михајловски и Мунир Пепиќ.
Се гледа како едно лице паѓа, како што наведе обвинителката, тоа е началникот на собраниското обезбедување Александар Јанковиќ. Се прави гужва околу него.
При гужвата се забележува како Игор Југ се пробива напред кон вратите на прес-центарот, Симовски се оттурнува наназад, а Михаил Младеновски фрла со шише.
Се гледа како пред вратите на прес-центарот се туркаат припадници на собраниското обезбедување и лица со фантомки.
Обвинителката Трајчевска, наведе дека на видео-снимката се забележува и обвинетиот поранешен член на собраниското обезбедување Абдуљфета Алими, кој како што истакна таа, стои и гледа и ништо не презема.
Откако толпата ќе успее да влезе во прес-центарот, се гледа постојано движење. Дел од обвинетите влегуваат и излегуваат од просторијата, како и останатите присутни. Се гледа како еден период сите гледаат нагоре и сликаат и снимааат со нивните телефони.
Се забележува и комуникација меѓу обвинетите. Јане Ченто се поздравува со некои од лицата кои се влезени во Собранието.
При излегувањето лицата кои се наоѓаат во прес-центарот ги повикуваат останатите, што се во холот, да влезат внатре.
Се појавува и пратеникот Никола Тодоров. Се создава гужва околу него.
За случајот „27 април“ се обвинети уште 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.