Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој поранешниот премиер Никола Груевски ги трошел од сметката на партијата.
На обвинителна клупа денеска седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Камчев и Мијалков беа спроведени од истражниот затвор во Шутка, а во судницата, Јордан Камчев седна до неговата мајка. Единствено Груевски, како првообвинет, не е присутен на судењето.
Судијата Илија Трпков, на барање на обвинителството, одлучи нему да му се суди во отсуство.
– Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си. Сепак, содржината на снимените разговори упатува на сосема друга слика, дека Груевски поседува имот кој го запишувал и пријавувал на туѓи имиња, а вклучени биле и фирми регистрирани за таа намена – рече обвинителката Стефанова.
Таа пред судот изјави дека во текот на процесот лице ќе сведочи како во 2008 година експремиерот купил стан на негово име, а истото го сторил и во 2009 година.
– Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2.700 метри квадратни, веднаш до резиденцијата на Вилма Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Плацот бил купен со пари – поклон од сведок на јавното наддавање во Мин за транспорт за 100.000 евра. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист – рече Стефанова во воведниот говор.
Таа додаде дека бара целиот имот од обвинителниот акт да биде конфискуван.
Додека Стефанова го даваше воведниот збор, Камчев постојано се смееше, по што беше опоменат од судијата, дека станува збор за сериозна работа.
Во Кривичниот суд Скопје денеска почна судењето за случајот „Плацови на Водно“.
Првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, неговиот кум од првиот брак, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.