ЕВРО 2020 ПОД БУДНОТО ОКО НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ ОРГАНИ ОД ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ

Задачата на нашите полициски службеници е заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и на Украина да создадат безбедносни услови овој значаен спортски настан да помине во согласност со највисоките безбедносни стандарди, истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани што ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот. На овој начин, МВР ги потврдува професионалните капацитети на своите полициски службеници, како и својата европска посветеност, исполнувајќи ги притоа највисоките меѓународни безбедносни стандарди во обезбедување значајни спортски настани од висок ризик, информираа од Министерството за внатрешни работи

Фудбалска треска ја тресе Европа, фановите конечно дочекаа да го следат својот омилен спорт, кој минатата година не се одржа како последица на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Годинава, Европското фудбалско првенство будно се следи и во земјава, бидејќи првпат во историјата и Македонија е земја-учесничка во првенството.

Сепак, ова деведесетминутно задоволство за спортските и фудбалски фанови претставува огромен предизвик на полициските власти низ Европа, кои заедно, со здружени сили, се обидуваат да ја одржат безбедноста на учесниците, фановите и воопшто на целото првенство, кое ќе трае до 12 јули.

ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО ВКЛУЧЕНИ 22 ПОЛИЦИИ ОД 22 ЗЕМЈИ-УЧЕСНИЧКИ

Почнувајќи од десетти месецов, па сѐ до 12 јули, Европол ќе биде домаќин на оперативниот центар за поддршка и безбедноста за време на Европското фудбалското првенство 2020. Координиран од холандската полиција, Меѓународниот центар за полициска соработка (МЦПС), е домаќин на околу 40 полициски службеници од 22 земји-учеснички во првенството и домаќини. Оваа специјална оперативна подготвеност е со цел да овозможи брза соработка и да ја обезбеди потребната оперативна поддршка за безбедно првенство за сите.

МЦПС ќе служи како центар за информации за националните органи за спроведување на законот. За таа цел, Европол создаде и специјална работна група ЕВРО 2020, за да им овозможи на полициските службеници што се на терен 24-7 достапни информации, нивна размена и брзо добивање информации за тековните истраги.
Оперативните активности се фокусираат на јавната безбедност и криминалните закани што можат да ја загрозат безбедноста за време на првенството. Органите за спроведување на законот ќе бидат насочени кон заканите, како што се компјутерскиот криминал, тероризам, местење натпревари, трговија со фалсификувани предмети, вклучувајќи и лажни ковид-19 сертификати и други кривични дела за интелектуална сопственост.

Шефот на кабинетот на МЦПС, Макс Даниел, истакна дека комбинирањето на информациите за прашањата поврзани со јавниот ред, фановите, местата за престој и трасите за патувања по пат, воздухопловството и железницата, се обезбедени во една ажурирана и интегрална листа.
– Да се биде во можност лесно да се споделуваат тие информации помеѓу земјите-учеснички се покажа како многу вредна работа во минатото. Полициските разузнавачи на сите земји-учеснички прават сѐ што е во нивна моќ за да го обезбедат овој уникатен шампионат и истиот тој да биде максимално безбеден за сите – рече тој.
Извршната директорка на Европол, Катерине де Бол, истакна дека шампионатот е уникатен турнир и за фудбалот и за спроведувањето на законот.
– Со 24 репрезентации што играат во 11 града низ Европа, најважно е заедничкото здружено работење за безбедноста на турнирот. Европол ќе ја овозможи оваа соработка, а службениците на терен ќе бидат добро подготвени за да обезбедат непречено и безбедно првенство – нагласи таа.

И МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА ДЕЛ ОД ЕВРОПОЛ ЗА ВРЕМЕ НА ПРВЕНСТВОТО

По повод Европското првенство во фудбал ЕВРО 2020, на кое првпат учествува и македонската фудбалска репрезентација, Министерството за внатрешни работи во соработка со романската полиција и надлежните служби на УЕФА, испрати свој тим од пет полициски службеници, кои во периодот од 11 до 18 јуни ќе бидат присутни во Букурешт, Романија.
– Задачата на нашите полициски службеници е заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и на Украина да создадат безбедносни услови овој значаен спортски настан да помине во согласност со највисоките безбедносни стандарди, истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани што ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот. На овој начин, МВР ги потврдува професионалните капацитети на своите полициски службеници, како и својата европска посветеност, исполнувајќи ги притоа највисоките меѓународни безбедносни стандарди во обезбедување значајни спортски настани од висок ризик – информираа од Министерството за внатрешни работи.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ФАНОВИТЕ

Европските национални полиции со предупредувања до фановите на фудбалските репрезентации да се однесуваат достојно и да не предизвикуваат проблеми за време на првенството.
Англиската полиција излезе со предупредување, фановите да не консумираат алкохол, а доколку го прават тоа, да имаат место за преспивање и да се однесуваат достоинствено.
– Ниту едно насилно однесување нема оправдување. По изминатата тешка година на рестрикции и немањето можност да се ужива во никакви социјални случувања, јасно е дека многумина со душа го чекаа првенството – истакна полицијата.
Оттаму нагласуваат дека алкохолот комбиниран со емоциите честопати води до инциденти со антисоцијално однесување и насилство што води кон сериозни последици.
Главно сите национални полиции излегоа со слично предупредување до фановите на фудбалот.
Да внимаваат како се однесуваат и да гледаат фудбал достоинствено, без предизвикување инциденти.

[email protected]