Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска беше во посета на Европската комисија во Брисел, за МИА изјави дека не смета дека полицијата употребила прекумерна сила за време на протестите пред Собранието.
Запрашан за критиките од јавноста за реакцијата на полициските сили за време на протестите и потреба да се испита работењето на полицијата таа вечер, министерот смета дека фактот што има десет повредени полицајци „доволно говори дека тие протести не беа мирни“.
– Тоа што се случи пред Собрание пред два дена, е што една група која беше дел од демонстрантите, предизвика одредени нереди, предизвика напад врз македонските полицајци – нагласи министерот за внатрешни работи.
– Апсолутно немаше никаква прекумерна употреба на сила, затоа што ако немале одредена група која што ќе ги нападне полицајците, ние немаше да интервенираме за да се разбие таа толпа пред Собранието. Ние еднаш видовме што значи да имате упад во Собрание, уривање на уставниот поредок, тоа беше на 27 април, и Македонија не може да си дозволи луксуз тоа да се случи уште еднаш – изјави Спасовски за МИА.
Спасовски изјави дека МВР ќе поддржи мирни протести во секое време, јави дописничката на МИА во Брисел.
– Мирни протести мора да поддржиме во секое време, тоа е право на секој граѓанин на Република Македонија меѓутоа исто така упатувам порака дека нема да дозволам никој по ниту една цена да ги малтретира македонските полицајци, да ги напаѓа, ниту пак да ги напаѓа македонските институции, за тоа ќе мораме да се штитиме. Демократијата значи постапување по некакви норми и правила и мислам дека се она што беше преземено беше во согласност со сите правила и норми, истакна Спасовски во изјава за МИА.
Спасовски денеска во Брисел учествуваше на работен состанок на министрите за внатрешни работи на Западен Балкан, сегашното и идното претседателство на Советот на ЕУ, еврокомесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство Димитрис Аврамопулос и комесарот за безбедносна унија, Џулијан Кинг.
Учесниците на состанокот, како што соопшти МВР, дискутирале за заедничките предизвици и соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан во областа на миграцијата, безбедноста, граничното управување и визната политика.
Акцент бил ставен на најновите случувања во врска со илегалната миграција во регионот и оперативните мерки за нивно решавање.
– Надоврзувајќи се на приоритетите на Стратегијата за Западен Балкан, разговаравме и за тековната работа во областа на миграцијата, безбедноста, граничното управување и визната политика, во контекст на претстојниот министерски состанок за внатрешни работи на ЕУ и Западен Балкан, кој ќе се одржи на 4 и 5 октомври во Тирана, се вели во заедничкото соопштение на учесниците во состанокот.
Тие се согласиле дека обезбедување ефективно гранично управување, борбата против криумчарењето и заедничките напори за спречување на илегалните миграциски текови остануваат врвни приоритети и за ЕУ и за Западен Балкан.
Партнерите од Западен Балкан се заложиле за продолжување на заедничките напори во решавањето на феноменот на странските терористички борци, спречување на насилен екстремизам и радикализација и засилување на борбата против недозволената трговија со огнено оружје.