Еден од петтемина полицајци од Велес, кои синоќа биле нападнати од дрвокрадци, има тешки телесни повреди. Тој од синоќа е во Клиничкиот центар во Скопје, а денес го посетиле министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

– Нападнатиот полицаец има фрактура на черепот, на коските на лицето и фрактура на подлактницата. Контактибилен е, но во тешка состојба. Ударот на полицаец е удар врз државата – рече министерот Спасовски, кој очекува набргу сите петмина повредени полицајци да закрепнат и да им се вратат на обврските.

Двајца од нападнатите полицајци синоќа биле пуштени на домашно лекување, двајца се задржани во болницата во Велес, а најтешко повредениот е префрлен во Скопје.

За нападот на полицајците се приведени четворица, а идентификувани биле десетмина, но претресите продолжуваат.

Министерот Спасовски очекува бргу да постапи и Обвинителството.

Тој нагласи дека во Владата, заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ, ќе отворат дебата за да најдат начин да ги демотивираат напаѓачите на полициските службеници.

– Секој што ќе нападне полициски службеник, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и нема да се толерира – рече министерот Спасовски и нагласи дека досега нема случај на притворени напаѓачи на полицајци.

Според министерот, нападот на полицајците е одговор на насилниците по зачестените контроли.

Велешките полицајци биле нападнати синоќа во атарот на селото Степанци.