Започна постапката за разрешување на јавната обвинителка Катица Јанева. Советот на јавните обвинители на денешната седница едногласно донесе одлука да отпочне постапка за разрешување на шефицата на СЈО во оставка. Постапката ќе се води преку Собранието.
– Советот едногласно одлучи дека се исполнети условите да се започне постапката за разрешување на јавната обвинителка Јанева. Советот треба да изготви извештај со утврдена фактичка состојба и да го донесе до Собранието – изјави по седницата претседателот на Советот на ЈО.
Извештајот на Советот на јавни обвинители треба да помине низ собраниската комисија за избори и именување. Пратениците на пленарна седница со двотретинско и Бедентерово мнозинство треба да утврдат формален предлог за нејзиното разрешување, а конечниот збор повторно го има Советот на јавни обвинители.
Покрај изборот на нов шеф на Специјалното јавно обвинителство, паралелно со него ќе се избира и нов претседател на Советот на јавни обвинители, поради завршувањето на двегодишниот мандат на претседателот на ова тело, Коле Штерјев.
– Членовите на советот на утрешната седница ќе го избираат новиот претседател. Ова нема да биде причина за одолговлекување на постапката за избор на наследник на Јанева – изјави Штерјев.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев да излезе од притвор и да добие времен пасош во предметот „Империја”.