Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение за кривично дело – убиство.
На 30 јуни, осомничениот скопјанец, во местото Големи Грми во атарот на селото Долно Дупени, Ресен, со употреба на огнострелно оружје, со умисла го убил Мустафа Азис од Горно Количани.
Поведената истражна постапка е во врска со пронајден череп и остатоци од човечки труп во фаза на распаѓање, во атарот на Долно Дупени на 27 и 28 јули. Пронајдените остатоци, по наредба на јавен обвинител, беа предадени на Одделението за судска медицина при ЈЗУ Клиничка болница – Битола каде беше извршена идентификација на починатиот и се утврди дека причината за смрт е насилна и предизвикана од проектил на огнострелно оружје испукан во пределот на тилот на жртвата.
Основното јавно обвинителство Битола, поради опасност од бегство и можност за попречување на постапката и прикривање на доказите, поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.