Со изведување смс и вибер пораки меѓу учесниците на „крвавиот четврток” денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Рочиштето почна со читање на вештачењето на мобилниот телефон на сведокот Сашко Коцевски, задолжен за електронското гласање во Собранието, кое се однесува на смс пораки, фејсбук и вибер комуникацијата во период од март до април 2017 година.
Во судница се присутни сите 32 обвинети, освен обвинетиот Сашко Марковски за кого постапката беше одвоена.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
– Во смс порака од Весна Гергоска на 12 март Коцевски прима порака “јавете се по список и на активни и на пасивни за утре да излезат. Соња”, додека следниот ден му пишува “за време на протестите во автобусите на ЈСП нема да има контроли и може да се возите без билет, а исто време и на ЈП Градски паркинг нема да има контроли и пајаци” и ” утре во 16.00 пред Музеј на ВМРО За Македонија се работи”, “ве молиме за помасовност зошто е можно влегување на СДСМ во Собрание”, се дел од смс комуникацијата што ја прочита Трајчевска.
Од смс комуникацијата на телефонот на Коцевски се гледа како тој постојано добивал насоки од Гергоска за организирање на членството за протестите пред Собранието, Владата, СЈО и пред зградата на ЕУ, во колку часот да излезат, каде да се потпишат и што треба да прават и што треба да носат, па дури и барања да даде луѓе со име и презиме што можат да бидат 24/7 слободи.
– На 27 април добива пораки „денеска во исто време пред Музеј на ВМРО”, „ве молам лицата за интервентни ситуации и сите други известете ги да бидат на готовс во секој момент може да дадеме насоки. Ве молам за сериозност”, „ве молам за масовност”, „сите членови да доаѓаат пред Собрание СЕГА Е МОМЕНТОТ”, се дел од смс пораките на критичниот.