Повеќе ромски здруженија учествуваат на протестот најавен како „Марш за правда“ пред Кривичниот суд во Скопје, во организација на невладината „Аваја“. Присутните пред Кривичен скандираат „Правда за Битола“.
Протестот е поврзан со случајот од Битола од минатиот септември, во кој на снимка објавена на социјалните мрежи беше прикажано како полицаец физички се пресметува со Ром пред поштата во градот, откако тој предизвикал сообраќајка под дејство на алкохол и агресивно се однесувал со полицијата.
Полицаецот во конкретниот случај е неправосилно осуден на една година казна затвор за сторено кривично дело малтретирање при вршење служба. Со протестот се бара пресудата да стане правосилна.
Независниот полициски синдикат и Независниот синдикат на затворската полиција и администрација минатата недела одржаа мирен протест во Битола, на кој побараа ослободителна пресуда за полицаецот, укажувајќи на низа пропусти во постапката.
Од „Аваја“ велат дека дошле и пред ОЈО бидејќи веќе една година не е процесирана нивната кривична пријава против тројцата полицајци.
– Денес сме собрани тука во име на сите жртви на полициска бруталност, на сите оние кои молчеле, на сите оние кои се плашат да говорат јавно за насилството, на сите оние кои не ја добиле правдата во судските постапки и за сите оние кои и никогаш не стигнале да ја имаат можноста за судска постапкa – беше порачано на протестот.