Едно истражување покажало дека пазарот на нелегална трговија и производство на фалсификувани цигари вреди од 7,8 до 10,4 милијарди долари, пари што одат во рацете на криминални групи. Нелегално произведени цигари се продаваат од Шпанија до Франција, Полска и други земји
ЕВРОПОЛ ВО БОРБА СО ТУТУНСКАТА МАФИЈА
Полската гранична полиција уапси седум лица и заплени 60 илјади евра во кеш во рациите што ги реализира во Варшава минатата недела. Овие рации беа дел од тековната акција за сузбивање на нелегалните активности на криминалните групи што се занимаваат со нелегално производство на цигари. Во февруари годинава беа приведени дваесет и едно лице, сите членови на истата организација, кога беа запленети фалсификат цигари во вредност од два милиони евра.
Под кодното име „Дниепр“, оваа операција на Европол, првично била иницирана во јуни минатата година. Таа била базирана на информациите добиени од страна на украинската гранична полиција за движењето преку границата на квалификувани работници и техничари од Украина во Полска. Сите работници беа осомничени дека биле вклучени во недозволено производство на цигари на територија на Полска.
– Произведените цигари нелегално биле шверцувани во западноевропските земји, каде што се продавале на црниот пазар, обезбедувајќи им на криминалните групи огромна финансиска заработка – информираат од Европол.
Европската полиција ја поддржала акцијата реализирајќи проверки во базата на податоци на Агенцијата за анализирање на податоците, за идентификување на целите, како и организирање координативни состаноци по барање на полските власти.
Во јули годинава, пак, шпанската полиција откри илегална фабрика за цигари во шпанскиот град Боржас Бланкас. Во оваа акција беа уапсени седум лица поврзани со производството, вклучувајќи го и водачот на групата, кој беше уапсен во неговата куќа во градот Матаро. Уапсени беа и двајца работници во фабриката и тројца возачи што ги транспортирале цигарите.
Оваа операција, со кодно име „Каруна“, предводена од шпанската полиција, се реализирала во соработка со Царинската управа на Литванија, полската гранична полиција и француската царина, со целосна поддршка од Европол.
– Кога полицијата пристигна во фабриката, околу еден милион цигари беа подготвени за дистрибуција, заедно со 72.540 евра, најверојатно заработени од нелегалната продажба – информираат од Европол.
Фабриката, мала по капацитет и по вработени, работела во три смени за да може да ги задоволи потребите и нарачките.
Оваа акција била заокружување на операциите иницирани минатата година од страна на Европол и на шпанската полиција, а се одвивала во Каталонија, каде што илегално се произведувале огромни количества цигари, кои се продавале главно во Шпанија и во Франција.
Француската царина заплени пет милиони цигари транспортирани во камион што чекал влез на француската граница. Возачот, кој бил полски државјанин, исто така бил уапсен.
Во слична ваква акција беше уапсен и возач на камион што возел кон француската граница во обид да прошверцува 864 илјади цигари.
Цигарите се дел од производите што се увезуваат или извезуваат од Европската Унија. Организираните криминални групи користат разни операции за да профитираат од нелегалната продажба на цигарите. Тие исто така го уриваат пазарот, затоа што нивните цигари се продаваат по екстремно пониски цени од оние легалните, бидејќи за нелегалните цигари криминалците не плаќаат данок.
Нелегалната продажба на цигари е доста опасна. Советот за безбедност на Обединетите нации во 2010 година откри поврзаност помеѓу производителите и шверцерите на цигари и финансирањето на тероризмот. ОН открија дека милиони долари нелегално влегувале во Ал-каеда, кај Талибанците и други терористички и организирани криминални групи. Со тоа тие добивале сигурен приход и го финансирале купувањето оружје и опрема за нивното функционирање.
Дури 48 милијарди цигари биле испушени во ЕУ во 2016 година, давајќи им на владите на ЕУ 10,2 милијарди во даноци. Дури девет проценти од испушените цигари биле илегално произведени или копии.
Во 2015 година едно истражување покажало дека пазарот на нелегална трговија и производство на цигари вреди од 7,8 до 10,4 милијарди долари во рацете на криминалните групи.