Десет лица од скопските села Грчец и Арачиново се уапсени во големата полициска акција која започна денеска во пет часот наутро, а запленети се и автомобили, оружје и дрога.
Како што информираат од МВР, координираната акција на полицијата била насочена кон лица можни членови на криминални групи кои делуваат на подрачјето на Скопје, а по документирани кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „загрозување на сигурноста спрема службено лице“, како и сомненија за вмешаност во кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на 34 локации во населбите Ѓорче Петров, Грчец, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци, Студеничани и Центар со цел обезбедување и пронаоѓање на докази за извршени кривични дела.
При претресите биле пронајдени и одземени биле автомобили, пиштоли, пушки, рамки за муниција и муниција, куршуми од различен калибар, панцири, лаптопи, мемориски стикови, опрема за видео надзор, мобилни телефони со сим картички, пари во различни апоени, прашеста материја и др.
Уапсени се десет лица на возраст од 56 до 28 години, жители на селата Арачиново и Грчец. Станува збро за Ф.Л.(47) од Грчец, М.Љ.(38) од Грчец, Е.П.(43) од Арачиново, Б.А.(34) од Арачиново, Ш.М.(28) од Арачиново, Ш.М.(34) од Арачиново, Ќ.Љ.(28) од Грчец, Н.С.(56) од Грчец, И.С.(29) од Грчец и Ј.С.(30) од Грчец.
Исто така, при преземање на дополнителни мерки и активности, пред да започне акцијата, вчера во 21.20 часот на улицата „Јадранска Магистрала“ бил уапсен 27-годишник од село Крушопек, за кој било утврдено дека се бара по централна потерница за издржување на казна затвор.
Воедно, во текот на вечерта полицијата го пронашла и предала во притвор С.И.(27) од Скопје, кај кого претходно, во неговиот дом на улица „Македонска преродба“ биле пронајдени 1,5 килограми марихуана.
ОД МВР порачуваат дека активностите во борбата против тешки кривични дела со елементи на насилство ќе продолжат и во иднина, со поголем интензитет и зајакнати мерки.