Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уживателите на никотин секогаш ќе посегнат по поевтин производ, па, така, токму со таквиот начин се генерира и поттикнува нелегалната работа на поединци, групи или цели криминални организации што на црно произведуваат, продаваат или шверцуваат цигари. Иако и оние легално пласираните не се здрави за консумирање, сепак, оние шверцуваните, со лажни бандероли, кои не поминале ниту една контрола, се уште посмртоносни од оние чија продажба е дозволена

Поврзаноста на тутунот и пушачите, односно уживателите на пушењето има своја долга историја. Со тоа, и зависноста на пушачите од тутунот, односно никотинот, е одамна позната и апсолвирана работа, исто како и штетноста што тоа ја предизвикува кај човекот. Сепак како што жарчето на врвот од цигарата долго тлее, така стотици години тлее и зависноста на пушачите од никотинот. А токму потребата од тутун за уживателите на пушењето го направила бизнисот со цигари профитабилен, кој е исклучително примамлив и за нелегална работа на криминалните организации. Имено, по истиот терк како што се шверцуваат дрога и алкохол, така криминалците шверцуваат и цигари, од кои заработуваат илјадници евра.
Уживателите на никотин секогаш ќе посегнат по поевтин производ, па, така, секогаш и ќе има работа за поединци, групи или цели криминални организации што на црно продаваат цигари. Иако и оние легално пласираните не се здрави за консумирање, сепак оние шверцуваните, со лажни бандероли, кои не поминале ниту една контрола, се уште посмртоносни од оние чија продажба е дозволена.

ЗАПЛЕНЕТИ РЕЧИСИ 60 ИЛЈАДИ ШТЕКИ ЦИГАРИ НА ТАБАНОВЦЕ

И Македонија е една од земјите каде што на големо се продава тутун нелегално, кој завршува во рацете на корисниците, кои откако ќе го купат, сами си прават цигари во своите домови.
На шести месецов, Одделението за истраги при Царинската управа на Македонија, заедно со Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи, реализира акција против нелегалната продажба на режан тутун.
Како што информираа, предмет на акцијата биле контрола и заплена на производи што нелегално се продавале и коишто претставуваат акцизни добра, а поради постапување спротивно од Царинскиот закон и другите закони за чие спроведување е надлежна Царинската управа на РСМ. На две одделни локации на територијата на градот Скопје привремено биле одземени 280 килограми режан тутун, со што била избегната наплата на акциза во износ од околу 500 илјади денари. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по членот 279 Б од Кривичниот закон.
Во паралелна независна истрага на граничниот премин Табановце, по детална контрола на товарно моторно возило, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи привремено задржаа 1.200 пакети (59.996 штеки) цигари „марбл филтер де лукс“.
– Горенаведената стока, со вкупна вредност по фактура од 6.155.280,00 денари, е привремено задржана поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост. Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, тие мора да бидат обележани со контролни марки. Акцизите учествуваат со околу 22 отсто во вкупните даноци што ги собира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 отсто, од кои над 5 проценти се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата. Сериозноста на проблемот и обемот на штетите што го предизвикува нелегалната трговија со тутун и тутунски производи бара од нас континуирани напори за да го спречиме нелегалниот промет на акцизни добра. На овој начин не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачките кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на здравјето на луѓето, кое може да биде загрозено со употреба на непроверени производи пуштени во промет на нелегален начин – информираат од Царинската управа.

НЕПРОВЕРЕН ТУТУН СЕ ПРОДАВА НА ПАЗАРИТЕ

Неоспорен факт е дека на пазарите, а особено на Бит-пазар, на големо може да се набави тутун од случајни продавачи, кои тврдат дека тој поминал низ разни контроли. Тутун именуван како познати брендови на цигари може да се купи почнувајќи од 400-500 денари за една кутија, а граѓаните го купуваат бидејќи во земјава не може да се најде кутија цигари поевтина од 100 денари.
– Мојот свекор редовно купува режан тутун од Бит-пазар. Иако неколкупати досега му нагласивме дека е подобро да купи тутун од специјализирана продавница, не сака, затоа што овој, пазарскиот, му е значително поевтин. Откако почна да пуши таков тутун, му се појави хронична кашлица, па и хроничен бронхитис. Сега веќе неколку месеци воопшто не пуши, бидејќи сериозно му се воспалија белите дробови. Иако цигарите се штетни, сепак, тие што уживаат во нив и во тутунот треба да ги набавуваат во специјализирани продавници или од маркетите каде што се продаваат – вели Викторија Михајловска.
Изминативе години цената на кутија цигари драстично порасна. Па, така, ако можеше да се купи една кутија од поевтините цигари за 30 денари, сега истата таа чини 100 денари.
Целта со поскапувањето на цигарите е да се намали потрошувачката на овие производи и да се заштити здравјето на населението.
Зголемувањето на акцизите за цигарите и другите тутунски производи доаѓа откако Светската здравствена организација донесе одлука сите земји во светот да воспостават единствен систем на оданочување на овие производи, кое треба да надмине ниво од над 70 отсто од малопродажната цена. Поскапувањето, кое почна во 2013-та, оди постепено, за да има помали оптоварувања и треба да трае до 2023 година.
Американскиот институт за метрика и евалуација на здравството пред неколку години направи истражување за пушачите во Македонија, од кое можеше да се види дека Македонците годишно трошат 97 милиони евра на цигари и тутунски производи.
Според истражувањето, 37 проценти од Македонците се уживатели на никотин.
И покрај драстичното поскапување на цигарите, сепак, многу е мал бројот на оние што престанале со пушење. Уживателите на никотин продолжуваат да купуваат цигари и покрај нивните високи цени и ретко кој се откажал од нив.

ШВЕРЦОТ НА ЦИГАРИ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ И ЗА ЕВРОПОЛ

Европол заедно со полската полиција, на крајот на јули, работеше на разбивање организирана криминална група инволвирана во нелегално производство на цигари.
Во акцијата беа инволвирани повеќе од сто полицајци, кои успешно разоткрија и уапсија 16 осомничени поради вмешаност во нелегално производство на цигари во Варшава. Уапсен е и лидерот на криминалната група.
Повеќе од 1,6 милион нелегално произведени марки на цигари биле откриени заедно со 13 тони тутун, кој требало да биде искористен за производство на дополнителни 13 милиони цигари. Штетата по државниот данок е проценета на 3,8 милиони евра.
Проценетото фабричко производство на дневна основа изнесува еден милион цигари дневно. Фалсификуваните брендови цигари биле наменети за пазарите во Обединетото Кралство и во Германија, каде што на криминалната група требало да ѝ обезбедат заработка од 9,7 милиони евра.
На почетокот на минатиот месец беше реализирана акција помеѓу португалската и шпанската полиција заедно со Европол, во која исто така беше разбиена криминална група што работела со шверц на цигари.
Во оваа акција беа претресени 82 локации, 70 во Португалија и 12 во Шпанија, и беа уапсени 17 лица. Запленети биле осум илјади килограми тутун, вредни два милиони евра, и 454 илјади цигари, вредни 113.500 илјади евра. Во истрагата се откриени седум оружја, 24 возила и 216 илјади евра, 116 илјади во готовина и сто илјади на банкарска сметка.
Оваа криминална мрежа била инволвирана во шверц на тутун од Шпанија во Португалија. Тутунот бил наменет за илегално производство на цигари, но и како тутун за домашно правење цигари во Португалија.

[email protected]