Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судскиот процес за случајот „Рекет“, каде што се обвинети Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната специјална обвинтелка Катица Јанева. Судењето за овој предмет е во фаза на презентирање материјални докази од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Рочиштето за „Рекет“ вчера беше одложено откако првообвинетиот Бојан Јовановски поради влошена здравствена состојба не се појави пред кривичниот суд. Судот нареди конзилијарно мислење од лекари од Клиничкиот центар кои ќе го прегледаат Јовановски.
Пред судењето тој се жалел на болки во стомакот, гадење и нагони на повраќање, а лекарот испратил мислење дека Јовановски не е способен да го следи рочиштето.