Судот му определи 48-часовен притвор на возачот кој во саботата прегази полицаец на автопатот Тетово–Гостивар, на околу 500 метри по местото викано Тумчевишка клучка.

Според првичните сознанија од увидот на обвинителот, до несреќата дошло кога лице кое управувало со автомобил „форд фокус“, со кичевски регистарски ознаки, не се придржувало кон прописите и не ја прилагодило брзината на движење според условите и состојбата на патот.

– Стигнувајќи на критичното место на кое полициски службеници ги пренасочувале возилата во десната сообраќајна лента поради претходно настаната сообраќајна несреќа, тој започнал да ги заобиколува возилата кои се движеле бавно и преминал во левата брза сообраќајна лента. Во тој момент изгубил контрола врз возилото, па удрил во бетонската ограда која го дели автопатот и во двајца полициски службеници. Од ударот, еден од полициските службеници бил исфрлен на спротивната страна од автопатот наменета за движење кон Тетово каде на него налетало патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски реагистарски ознаки. Како резултат на повредите здобиени во несреќата, полицаецот починал – се наведува во соопштението од гостиварското обвинителство.

Вториот полициски службеник, пак, се здобил со фрактура на раката и повреди на грбот и е задржан на лекување, додека со телесни повреди се здобиле и возачот и патниците во голфот кои се пуштени на домашно лекување.

Јавниот обвинител издаде наредби за вештачење на трагите пронајдени на лице место, како и на примероци од крв и урина на учесниците во сообраќајната несреќа.

Во меѓувреме, за возачот на автомобилот „форд фокус“ е побаран краткотраен притвор под сомнение за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судија му определи краткотраен притвор во траење од 48 часа.