Во Основниот суд Скопје 1 Скопје денеска треба да биде соопштена пресудата за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски, кој беше крвнички претепан во Автокоманда на 29 јуни минатата година.
Во предмет обвинети се Бесир Беља, Скендер Демири и уште едно лице кое е во бегство.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.
Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.