На граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија вчера се запленети околу 515 килограми марихуана во специјално направен бункер на кровот на приколката од камион со скопски регистерски таблици.
-Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера на граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, заплени околу 515 килограми марихуана, а од слобода е лишено едно лице. Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција, а нејзината вредност се проценува на над милион евра, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција.
По претходно дадени насоки, како што појасни тој, на Граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија извршен е претрес во товарно моторно возило марка „Ман“и полуприколка –ладилник со скопски регистерски таблици, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен.
Во рамките на криминалистичкото истражување утврдено е дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на Турција.
За реализација на транспортот, Д.С. за соодветен паричен надомест го ангажирал З.А.. Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.
-Во текот на вчерашниот ден, по издадени наредби од судија на претходна постапка, извршен е претрес во домот на Д.С. во Скопје, со цел пронаоѓање и обезбедување на дополнителни материјални докази. Од извршениот претрес, пронајдени и одземени се едно возило Рено меган, мобилни телефони и бројна документација. Во текот на денешниот ден до обвинителството е поднесена кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на Македонија, истакна Ангеловски.