Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, се меѓу политичките лидери кои изразија сочувство по сообраќајната несреќа во Бугарија. Вучиќ упати телеграма со сочувство до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев.
– Со неверување и тага ја примив страшната вест за трагичното загинување на патниците од автобус во Бугарија. Не постојат зборови што би ја опишале болката што ја делиме со граѓаните на вашата земја. Неми пред оваа трагедија, испраќаме молитва со утеха на семејства на загинатите и целиот наш братски народ. Србија е сега со вас, подготвена да даде секаква помош со поддршка бидејќи не сте сами во оваа трагедија. Во свое и во име на граѓаните на Србија упатувам најдлабоко сочувуство на семејства на настраданите и народот на Македонија, а на повредните им посакувам брзо и успешно закрепнување – се вели во пораката на Вучиќ.
Рама во објава на Фејсбук напиша дека трагичниот настан предизвикува огромна болка.
– Нема зборови на утеха за трагедијата на автобусот од Северна Македонија во Бугарија, каде што животот го загубија речиси сите патници. Огромна болка – напиша Рама.
Лидерот на ВМРО, Красимир Каракачанов, ја изрази својата тага за трагичниот инцидент со македонскиот автобус на автопатот „Струма“.
– Застрашувачки, тешко и неразбирливо. Не можам да најдам зборови да ги искажам тагата и болката од страшната сообраќајна несреќа на автопатот ‘Струма’ пред неколку часа. 45 луѓе, меѓу кои и малолетници, го напуштија овој свет на суров начин. Нашите браќа и сестри од Македонија. Бог да ги прости! – истакна Каракачанов.
Тој изрази искрено сочувство до роднините на загинатите и до цела Македонија.
– Во овој момент треба да бидеме заедно повеќе од кога било. Ние сме браќа и нашата болка е заедничка. Како човек и како лидер на ВМРО повикувам на смиреност, емпатија и единство за да ја надминеме нашата тага – вели Каракачанов.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, му изрази сочувство на македонскиот претседател Пендаровски.
Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата.
– Во ова тешко време Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји – се наведува во сочуството на бугарскиот претседател Радев.
Бугарскиот патријарх Неофит изрази сочувство за настраданите во несреќата на македонскиот автобус на автопатот „Струма” во Бугарија.
– Загинаа наши браќа и сестри, меѓу кои и деца, а седум лица се повредени. Инцидентот однесе многу животи, а на семејствата им донесе неутешна тага. Во овие тешки моменти се сеќаваме на вистината за краткотрајноста на човечкиот живот, дека смртта доаѓа во миг и зема се… Во неделата во која се молиме за загинатите во сообраќајни несреќи, оваа најнова трагедија јасно ни покажува дека несреќите по патиштата се резултат на многу фактори. Со татковска грижа им се обраќаме на сите кои возат да бидат разумни и одговорни на патиштата. Искрено се молиме на нашиот небесен Отец да ги упокои душите на загинатите во тешката несреќа! Бог да ги прости и да ги упокои таму каде што почиваат праведниците! Изразуваме сочувство до семејствата на загинатите. Господ секогаш да им дава утеха!”, се наведува во пораката со сочувство на патријархот Неофит.
Претседателите на Европскиот парламент, Совет и Европската комисија изразија сочувство по автобуската несреќа која однесе 46 животи во Бугарија.
– Ужасно дознаваме дека најмалку 45 лица, од кои дванаесет деца, загинаа во автобуска несреќа во Бугарија ноќеска. Изразуваме искрено сочувство и посакуваме сила на нивните семејства и пријатели. Нашите мисли се со Бугарија и Македонија на овој трагичен ден, објави претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, исто така изрази сочувство за семејствата и блиските на починатите во несреќата и им посака брзо закрепнување на повредените.
– ЕУ е солидарна со вас во овие ужасни времиња – напиша таа.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, порача дека ЕУ е подготвена да испрати помош на секаков можен начин.
– Нашите мисли се со жртвите на ужасната несреќа во Бугарија, нивните семејства и сите работници во првите редови – напиша Мишел на Твитер.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир исто така изрази сочувство.
– Нашите мисли во ова време, се со семејствата и пријателите на оние кои починаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утринава. Посакуваме целосно и брзо опоравување на повредените – напиша евроамбасадорот на Твитер.
Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов посочи дека трагедијата е неопислива.
– Оваа трагедија денес е неопислива. Сите ние сме луѓе – не е важно од која националност или вера сме. Знам дека сите сочувствувате и сочувствувате затоа што сме луѓе. Од двете страни на границата зборот „болка“ звучи и се пишува на ист начин – порача Трифонов на Фејсбук.
Странските амбасади во земјава исто така изразуваат сочувство до семејствата на загинатите.