Пожарот кај село Раовиќ, во општина Сарај сѐ уште е активен на недостапен терен кон сртот на планината Осој. Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, пожарот се разгори и се пренасочи во правец кон Матка, поради ветерот. Сѐ уште гори нискостеблеста мешана и деградирана шума, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите во Македонија до 10 часот утринава.
Пожарот кој е лоциран на месноста викана Рада, над село Патишка Река во општина Сопиште е активен. Во текот на ноќните часови жители од село Соње дојавиле дека пожарот сѐ уште гори, но со намален интензитет, и оти нема опасност од проширување или загрозување на села и било какви објекти. Утрово на ова место се упатени екипи на НП „Јасен“.
И пожарот во атарот на селата Ракле-Никодин-Топлица, во општина Прилеп, е со слаб интензитет, при што се забележува само чадење (без пламен) во високиот непристапен дел. Нема опасност од негово проширување. На терен е испратена екипа од од ЈП Национални Шуми – Прилеп за контрола на пожарот.
Пожарот на планината Готен кај село Нивичино, место викано Калинско, е локализиран од страната на струмичкиот дел. Се прават пресеки и расчистување на лиснаста маса, а во внатрешноста на пожарот горат стари трупци. Од страна на беровскиот дел сѐ уште има чадење и моментно не постои опасност од проширување. На терен се екипи на ТППЕ Струмица, МВР-СВР-Струмица, ЕЛС Василево, МЗШВ Струмица, ДЗС и ШС Беласица, наведува ЦУК.