Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се проценува дека една третина од дрогата во Холандија пристигнува преку босанско-српските канали. Балканот останува транзитен регион за трговијата со дрога, пред сѐ преку пристаништата во Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска и во Словенија, а според многубројните случаи, ниту Македонија не изостанува од оваа маршрута

НАРКОТИЦИТЕ ЗА ЕВРОПСКИОТ ЦРН ПАЗАР МИНУВААТ И НИЗ МАКЕДОНИЈА

И покрај пандемијата, дрогата сѐ уште е многу вносен црн бизнис за наркокартелите како во светот така и на Балканот, за жал и во земјава. Полицијата сѐ уште не пронајде ефикасен начин за справување со овој девастирачки проблем за општеството. Уште повеќе, моќните наркоорганизации се инфилтрираат со валкани пари во разни бизниси, вплеткувајќи во својата мрежа и државните службеници и функционери. Балканот и Македонија не се имуни од оваа наркомрежа. Империјата на дрогата царува и тука, а нашиот полуостров важи за една од поважните клучки и бази на моќните наркокартели во реализацијата на нивните наркобизниси.

БАЛКАНСКАТА МАФИЈА ДЕЛ ОД НАЈМОЌНАТА КОЛУМБИСКА ОРГАНИЗАЦИЈА

Колумбиската мафијашка наркоорганизација „Клан дел Голфо“, чиј водач Отониел на крајот на октомври беше уапсен, како еден од своите пет главни меѓународни сојузници ја има балканската мафија, соопшти колумбиската полиција.
Според податоците што ги објави полицијата, оваа криминална организација за шверц на дрога како сојузници има различни наркокартели за различни географски предели. Па, така, во Мексико сојузници ѝ се картелите „Халиско“, „Нуева генерасион“ и „Синалоа“, во Европа калабриската и сицилиската мафија и мрежата за трговија со дрога на Балканот.
Дрогата од Колумбија и Централна Америка била ставана во бродски контејнери, кои потоа ја носеле до Холандија и Шпанија, а оттаму по копнен пат до Балканот.
Водачот на „Клан дел Голфо“, Дарио Усуга, познат во јавноста како Отониел, беше уапсен на 24 октомври, а се смета за еден од најопасните светски трговци со наркотици. Кланот со кој шефува има 3.500 лица според официјалните податоци на колумбиската полиција.

СПРЕЧЕН МЕЃУНАРОДЕН КАНАЛ ЗА ШВЕРЦ НА НАРКОТИЦИ ВО ЗЕМЈАВА

Македонската полиција завчера успешно спречи меѓународен канал за шверц на наркотици, запленета дрога во вредност од околу 350.000 евра. Дали оваа дрога е дел од колумбиската, калабриската или сицилиската мафија, никој со сигурност не може да каже, но факт е дека во неколку наврати полицијата успешно им застана на патот на наркобизнисмените.
На седми месецов, на локалниот пат во селото Оровник, во општината Дебрца, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал бил уапсен М.П. (38), државјанин на Република Албанија, со што е пресечен меѓународен канал за шверц на марихуана од Албанија во нашата држава.
– При извршен преглед во патничко возило „ситроен берлинго“, со албански национални ознаки, кое го управувал М.П., во задниот дел од возилото биле пронајдени и одземени пет торби со 100 пакувања марихуана, во вкупно количество од околу 100 килограми, со вредност од околу 350.000 евра. Оваа заплена е резултат на повеќемесечно следење на активностите на неколку албански државјани на територијата на државата што биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици – истакна Сузана Прањиќ Талевска, портпаролка во Министерството за внатрешни работи.
М.П. е приведен и задржан во полициска станица во Охрид за понатамошна постапка, а по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава до ОЈО Охрид, според членот 215 од Кривичниот законик, за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
За жал, ова не е прв случај поголемо количество дрога, независно дали станува збор за марихуана или друг вид наркотици, да биде фатено и успешно спречено да заврши на црниот пазар.

БАЛКАНСКИТЕ КРИМИНАЛЦИ СЕ РАСПРСКАНИ НАСЕКАДЕ

Според извештајот на Глобалната инцијатива за борба против организираниот криминал со седиште во Женева, криминалците од Балканот најчесто дејствуваат во Белгија, Холандија, Шпанија и во Германија. Само во Шпанија дејствуваат околу сто организирани криминални групи од Балканот. Балканските криминалци имаат добри и директни врски со клановите што го произведуваат кокаинот во Јужна Америка.
Европа е најчестото одредиште за балканските криминални организации, а тоа го покажуваат и бројот на уапсените лица и количеството запленети наркотици. Специјалност за балканските групи е транспортот на дрогата, пред сѐ на кокаин, од Јужна Америка во Европа. Се проценува дека една третина од дрогата во Холандија пристигнува преку босанско-српските канали. Балканот останува транзитен регион за трговијата со дрога, пред сѐ преку пристаништата во Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска и во Словенија, а според многубројните случаи, ниту Македонија не изостанува од оваа маршрута.

КОСОВО – МАЛА КОЛУМБИЈА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН

Косово е еден од бастионите кога станува збор за шверцот на дрогата што се произведува во Авганистан. Според анализите и достапните податоци, дури 80 проценти од целата дрога произведена во Авганистан за Европа поминува низ Косово. Големото богатство што го носи овој бизнис, од оваа мала релативно нова земја, наместо демократија, направи во земјата да се создадат голем број кланови, кои од Косово направија мала Колумбија во срцето на Европа.
За голем број матни зделки во Косово на големо се шпекулира и дека е замешан поранешниот претседател Хашим Тачи, кој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото од страна на Специјалното обвинителство во Хаг.
Во судскиот процес тој доби голем број адвокати како дел од одбраната, но поради долготрајноста на процесот, многумина се откажаа од идејата да го бранат, бидејќи Тачи повеќе нема пари да ги исплаќа нивните големи хонорари.
Според познавачите, оваа состојба воопшто не зачудува, бидејќи, откако талибанците се етаблираа во Авганистан, и протокот на хероин кон Косово е пренасочен, но не кон албанската наркомафија.

МАКЕДОНИЈА МАЛО НО МОЌНО ПОЛЕ НА ИНТЕРЕС НА НАРКОКАРТЕЛИТЕ

Во февруари минатата година, огромна пратка со дрога беше запленета од страна на италијанската полиција.
Како што лани пишуваше босанскиот весник „Независне“, кокаин вреден 51 милион евра, кој беше запленет во меѓународна акција на италијанската полиција, бил наменет за неколку земји, меѓу кои и за Македонија.
Во меѓународната акција беа опфатени повеќе лица од Италија, Црна Гора, Македонија и од БиХ. Во акцијата беше пресечен голем синџир за организиран шверц на дрога, за кој први сознанија имала италијанската полиција, која ја следела пратката во соработка со колегите од другите држави.
Според сознанијата на весникот, на едно пристаниште во Италија, полицијата запленила неколку контејнери полни со кокаин што требало да биде пратен во Бар, Црна Гора, а потоа и во Македонија и во БиХ.
– Полицијата успеала да извади од контејнерите 970 пакети на дрога, тешки вкупно 1.128 килограми, додека лажната пратка со околу еден килограм дрога ја запечатила заедно со систем за следење, за да утврди за кого е наменето големото количество наркотици – објави тогаш весникот „Независне“, повикувајќи се на сопствени извори.
Во написот пишуваше дека шест камиони стигнале со пратка во Бар, од кои четири стигнале од Македонија во запечатени контејнери, не знаејќи дека полицијата ги следи. Во контејнерите бил единствено килограмот кокаин оставен од истражителите. Другите два камиона се упатиле во БиХ, не знаејќи дека превезуваат празни контејнери, односно дека истражителите го следат нивното движење.
Две лица беа уапсени во БиХ во рамките на истрагата.
МВР лани, во полициска акција во селото Крушопек, во скопски Сарај заплени еден килограм кокаин, со потекло од Колумбија. Како што соопштија тогаш од МВР, кокаинот бил дел од многу големо количество дрога, чија крајна дестинација била Македонија.
Приведени беа четири лица и беше отворена финансиска истрага за правното лице во чии простории беше пронајдена дрогата.
Во оваа акција во Италија беше уапсен 42-годишен Албанец.