КРИМИНАЛНИТЕ ГРУПИ НЕ МИРУВААТ
Операција на Европол покажа дека во 77 држави се шири продажбата на фалсификувани артикли, како и храна опасна по здравјето на луѓето. Извршната директорка на Европол, Катерине де Бол, тврди дека во време на ваква криза криминалците секогаш бараат нови начини да ги злоупотребат корисниците и да го зголемат нивниот нелегален профит на штета на јавната безбедност
Во последната операција на Интерпол и на Европол, наречена „Опсон“, беа откриени потенцијално опасни и фалсификувани пијалаци и храна, вредни повеќе од 40 милиони долари. Во операцијата беа растурени 19 организирани криминални групи, а уапсени беа 407 лица низ светот. Полицијата, царината, националните агенции задолжени за контрола на безбедноста на храната и партнерите од приватните сектори од 77 држави, успешно ја реализираа акцијата, која спаси илјадници животи од негативни и штетни последици по нивното здравје. Операцијата се реализирала од декември минатата година до јуни годинава. Во истата операција се откриени повеќе од 12 илјади тони нелегална и потенцијално штетна храна во продавниците, во поголемите маркети и на граничните премини за време на увоз и царинење.
Помеѓу пронајдените артикли биле пронајдени и млечни производи контаминирани со бактерии, месо набавено од нелегални кланици и од непознати животни и производи за исхрана со декларации дека се наменети за медицински цели.
Во соседна Бугарија, истрагата од страна на полицијата и Агенцијата за безбедност на храна во некое складиште откриле сирење што било контаминирано со бактеријата ешерихија коли. Околу 3,6 тони небезбедна млечна храна што требало да биде претворена во сирење била пронајдена и уништена.
За време на претресите во Јордан, властите откриле две илјади литри енергетски пијалоци со поминат рок и 4.500 литри газирани пијалоци со поминат рок. Повеќе од седум тони расипано млеко и сирење исто така биле пронајдени и уништени во оваа држава.
ПОВРЗАНОСТ СО КОРОНА-КРИЗАТА
Обидувајќи се да ја откријат врската помеѓу производите и криминалните групи што се обидуваат да заработат на ваков начин, надлежните откриле и лажни медицински производи, вклучувајќи и средства за дезинфекција и околу 17 илјади лажни сетови за тестирање за ковид-19.
Откривањето на фалсификуваната храна во оваа последна операција од серијата вакви операции покажува дека оваа година се откриени значително поголеми количества фалсификувана и расипана храна за разлика од претходните години. Тоа всушност е знак дека криминалните групи, погодени од корона-кризата, успешно пронашле начин на лесна заработка, користејќи го глобалното затворање на градовите за време на пандемијата, со што на големо се намалија резервите на храна во сите држави. Ним им одеше во прилог тоа што луѓето масовно правеа домашни резерви од страв да не останат гласни.
– Со постојаните обиди на државите да ја зауздаат пандемијата предизвикана од коронавирусот, криминалните мрежи покажаа дека немаат никаков обѕир кога станува збор за заработка, што го покажаа со дистрибуцијата на ваква штетна храна – изјави генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток. Тој истакна дека примерите и ширината со која е опфатена фалсификуваната и расипана храна мора и треба да служат како предупредување за државите да бидат многу внимателни за производите што ги купуваат, како и за потребата од соработката со надлежните институции.
СЕ ФАЛСИФИКУВА БУКВАЛНО СЀ
Откриени беа и многубројни други измами, за време на неколкумесечната криза предизвикана од пандемијата. Па, така, беше откриена морска храна во Јужна Африка од Азија, која беше лажно декларирана како лична заштитна опрема.
Во минатите операции исто така беа пронајдени сомнителни количества алкохол, што претставува уште една глобална закана. Повеќе од 20 милиони долари вредни нелегални алкохолни пијалоци беа одземени од продажба, вклучувајќи и пет илјади литри вотка, шверцувана со трејлер во Норвешка.
Повеќе од пет илјади тони животински производи беа откриени во годинашната операција „Опсон“.
Надлежните истакнуваат дека е откриен нов тренд во Европа со фалсификување пасоши за коњи. Во еден случај, коњи беа транспортирани во Италија со лажни документи, со тврдење дека тие требало да бидат дел од спортски натпревари, а всушност требало да завршат во сомнителни кланици.
Во рамките на операцијата биле откриени и лажни козметички производи, чевли, гардероба, чанти, делови за автомобили, електроника, цигари и медицински средства, сите со проценета вредност од 3,1 милиони американски долари.
Извршната директорка на Европол, Катерине де Бол, нагласи дека во време на ваква криза, криминалците секогаш бараат нови начини да ги злоупотребат корисниците и да го зголемат нивниот нелегален профит на штета на јавната безбедност.
– Контаминирана и супстандардна храна не само што е измама за консументите, туку исто така претставува огромен ризик за нивното здравје. Нашата операција, која се реализира деветта година едноподруго, покажува дека соработката е круцијална и за консументите и за бизнис-секторот. Само на тој начин можат да се спречат криминалните групи – истакнува таа.