Доказот со кој Орце Камчев е во притвор, е незаконит и треба да биде исфрлен од постапката, истакна адвокатот Тони Менкиноски, кој го застапува притворениот бизнисмен, на денешната прес-конференција.
– Одбраната на Камчев сака да ја информира јавноста дека денеска ќе поведе постапка за утврдување на незаконитост на докази, со цел остварување на уставно загарантираните права на слобода и безбедност, на ефикасна и делотворна одбрана. Сите докази се прибивани на незаконски начин, со кршење на слободата и правата, и не може да се користат, и врз нив не може да се заснова судската одлука за притвор на Камчев – наведе Менкиноски, додавајќи дека треба да биде исфрлен доказот информација на АНБ на РСМ од 14 март, врз основа на кој се темели притворот.
Менкиноски, меѓудругото, нагласи дека неговиот клиент ги има сите услови да се брани од слобода, посочувајќи дека се обезбедени два пасоша на Камчев.
Менкиноски ја обвини власта за киднапирање и тортура кон неговиот клиент, кој речиси еден месец е во притвор во Шутка.
– Аплеираме до институциите на системот да работат совесно, штитејќи го својот професионален интегритет. Време е во оваа држава да завршат иживувања врз лица, загрозување на нивно здравје, загрозување на сериозни бизниси и работни места на луѓе, преку местенки и злоупотреба на тајните служби – порача Менкиноски.
Орце Камчев од 14 март е во 30-дневен притвор како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. За мерката притвор, тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена.