Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев ја демантира информацијата дека нивниот клиент се пожалил на симптоми на коронавирус и дека одбил испитувања на државна клиника кои му биле понудени.
Одбраната наведува дека Камчев има сериозното срцево хронично заболување кое е потврдено и од врвни кардиолози експерти од Австрија, Словенија и Северна Македонија, и истото, само по себе бара посебен третман и редовни прегледи.
„Во текот на летото, по алармантно влошена здравствена состојба на г-динот Камчев, тој беше пренесен на Клиниката за Кардиологија каде што задржан 5 дена, а потоа беше вратен во притворското одделение на КПУ Скопје. Тогаш, од страна на докторите од Клиниката за Кардиологија во Скопје беше потврдено дека треба да се изврши контролен преглед месец и половина по неговото пуштање од клиниката. Како одбрана на г-динот Камчев, во соодветниот период посочен од докторите побаравме тој да биде посетен во затворот од доктор и да му се овозможат неопходните лекарски прегледи почнувајќи од биохемиска анализа која за неговата состојба е основен и неопходен параметар. Тоа не беше дозволено, туку од страна на затворската управа му беше понудено во 15 часот попладне да биде спроведен на Клиниката за Кардиологија во Скопје. Г-динот Камчев го одби тој преглед бидејќи терминот и начинот се сосема несоодветни за биохемиски проверки кои како што напоменавме се клучни и основни за проверка при третманот на неговата здравствена состојба. Како и тогаш и сега, како одбрана, бараме објаснување на кој основ се одлучува кој од притворениците има право да се лекува на приватна, а кој на државна клиника, односно кој е органот кој одлучува за тоа?“, се наведува во реакцијата на одбраната на Камчев.
Неговиот правен тим додава дека се изнесуваат невистини и во врска со тоа дека Камчев не се пожалил на влошена здравствена состојба на затворскиот лекар.
Во неколку наврати, при сериозно влошување на неговата здравствена состојба, вели одбраната, тој има побарано интервенција од затворскиот лекар, но имало случаи и кога смената на лекарот била завршена па за преглед доаѓала само медицинска сестра и како што е веќе познато и пренесено на јавноста, неговата влошена здравствена состојба во притворската ќелија е третирана со кисела вода и сол.