Основниот кривичен суд Скопје ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена за двајцата осомничени во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, соопштија од судот.
Пред четири недели на првиот човек на 1ТВ и неформалниот директор на „БМЈ Медиа груп“, Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и на бизнисменот Зоран Милевски Кичеец им беше изречен триеседневен притвор откако беа спроведени на распит во Кривичниот суд.
Двајцата се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку јавен обвинител од СЈО да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.