Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 28-годишен скопјанец, кој се товари дека сторил кривично дело Убиство.
 
Обвинетиот на 03. 11. 2017 година со умисла го убил сега починатиот Мартин Јанушев. Утрината на критичниот ден, користејќи дозволено викенд отсуство, обвинетиот ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци. Тој со умисла за да го изврши делото, во попладневните часови истиот ден се движел пешки и околу 18.00 часот пристигнал пред зградата во која живеел Јанушев.
 
Откако се сретнал со жртвата пред влезот на зградата, испукал кон него повеќе проектили од огнено оружје марка „Црвена Застава М70“ со калибар 7,65 мм, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди дошло до прекин на работата на витално важните органи и до смртен исход кај сега покојниот Мартин Јанушев“ се наведува во соопштението на обвинителството.
 
Истрагата против сега обвинетиот Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори во октомври 2018 година, кога од судот побара и да му биде изречена мерката притвор. Со оглед на тоа што сега обвинетиот беше недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за распишување домашна и меѓународна потерница. По една година, на 14.10.2019 година, лицето беше лишено од слобода и за него почна да се спроведува веќе определената мерка притвор, која по барање на обвинителството е неколкупати продолжувана.
 
Во рамки на сеопфатната истражна постапка, обвинителството обезбеди голем број материјални и вербални докази, релевантни вештачења и анализи, беа испитани и над 40 сведоци.
 
Заедно со обвинението, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи сеуште постои опасност од бегство на обвинетиот, како и опасност да ги сокрие трагите и да влијае врз сведоците.